101-ва титула во кариерата за Ѓоковиќ, бурно ја прослави

Најдобриот светски тенисер на сите времиња не само што уште игра во врвна форма туку уште освојува трофеи. Во АТП финалето на турнирот во Атина синоќа го совлада Италијанецот Лоренцо Музети со 2-1 во сетови и стигна до неверојатен 101. трофеј во кариерата!

Во големото финале на турнирот во Атина каде Новак Ѓоковиќ неодамна се пресели да живее со семејството, пред полни трибини, српскиот тенисер го изгуби првиот сет но потоа направи пресврт и заслужено славеше во натпревар кој траеше речиси три часа!

Новак Ѓоковиќ мошне бурно и емотивно ја прослави победата како на времето кога освојуваше пехари на големите Гренд Слем турнири.

Овој турнир првично се одржуваше во Белград но на инсистирање на Ѓоковиќ кој не е во добри односи со властите во Србија, реши да го префрли во Атина. После триумфот тој отворено се заблагодари на грчките власти и грчкиот премиер Мицотакис што во толку краток временски период успеале да го организираат турнирот кој поминал одлично.

Новак Ѓоковиќ со оваа победа и 101. пехар во кариерата му се приближи на Роџер Федерер кој има 103 освоени титули а прв е Џими Конорс со 109. Притоа Ноле ја освои 70-та титула на бетон, на тврда подлога со што го престигна Федерер по таа категорија на вечната листа.

Новак Ѓоковиќ ако се реши да настапи во Торино на турнирот на најдобрите 8 светски тенисери, веќе во понеделник од 14 часот ќе го чека меч против Тејлор Фриц.

Интересно ова беше титула на Ѓоковиќ во 34. различна земја во неговата кариера.

9 ноември 2025 - 10:11