Сексуалните манијаци си најдоа шведска маса

Толеранцијата и почитувањето му се очајно потребни квалитети на ова човештво. На таа линија, половата идентификација се чини како дел од човековите слободи за кои без двоумење би навивале. Додека не се судрите со заебан случај: осуден неколкукратен силувач почнува да се изјаснува како женско, само за да се домогне до женскиот дел од затворот. Ај сега?

Ако некој во Велика Британија денес сака да го смени својот пол, ќе му биде потребна медицинска дијагноза и да има живеено минимум две години со својот префериран пол. Но, во процедура се измени на тој закон по кој во иднина не ќе треба ништо, само да се декларираш како што сакаш. Ништо медицински сертификати, ништо хирургија, ништо хормони. Ќе можеш да си останеш маж а да те признаваат за жена. Меѓу другото, тоа ќе значи слободен пристап кон јавните женски тоалети и соблекувални.

Тие кои следат што се случува на оваа тема, не би требало да бидат изненадени. Минатата година британската медицинска асоцијација им препорача на лекарите идните мајки да ги викаат „трудни луѓе“. Не само што мажи почнуваат да си доаѓаат во исклучиво женски групи туку осуден двоен силувач го искористил тоа право за да се домогне до женскиот дел од затворот.

Истото планира да го стори и фамозниот сексуален ѕвер и убиец Иан Хантли кој уби две 10 годишните ученички од Сохам. Хантли патем бара државата да му ја плати промената на полот. 

Новата легислатива сето тоа ќе го направи многу полесно. Само што, со замаглување на разликите меѓу категориите „маж“ и „жена“ истовремено ќе се отежне мониторирањето на сексуалните предатори кои главно се мажи. А патем ќе стане каша и кога спортските асоцијации ќе се најдат под зголемен притисок да примаат мажи (кои се изјасниле за жени ) во женските дисцилини или спортови.  

„Таа логика вели дека трансродовите лица треба да бидат прифатени само врз основа на нивното само-определување. Дека родот/полот постојат само во нашите глави. Но тоа што сум жена не е идентитет кој јас сум го одбрала. Тоа е материјална реалност формирана од моето искуство, и кога сум била сексуално злоставувана и кога сум раѓала. Девојчињата чии гениталии се унакажуваат или оние кои се продаваат и завршуваат во проституција, се жртви затоа што се женски, а не затоа што веруваат дека се женски. Многу жени кои се против транс лобито се жртви на силување. Некои од нив биле силувани во јавни тоалети. Секогаш од мажи“, пишува коментаторка на Ивнинг стандард.

******

Врхунски интересна е приказната за девојката која менуваше пол па се пишманеше. Види: „Да смениш пол не е исто како да смениш патец“

7 ноември 2017 - 13:08