Со 47 гласа за, 74 против и тројца оправдано присутни, Собранието на Град Скопје го усвои предлогот на градоначалникот Коце Трајановски, деновите вторник и петок да бидат бесплатни за пензионерите кои ќе го посетат трговскиот центар Сити Мол.
Освен драстичното зајакнување на куповната моќ, со оваа уредба се очекуваат и други бенефити за градскиот живот, како што е растоварување на гужвите во ЈСП во истоимените денови.
Сите пензионери од Скопје во вторниците и петоците ќе можат комплетно бесплатно да го посетат Сити Мол и истовремено, исто така бесплатно, неограничено да ги распрашуваат продавачките што им е најтазе и кога сабајле отвораат.
Како доказ за пензионерскиот статус ќе биде доволно да се искаже мислење дека ќе се расипе времето бидејќи вртат колената или да се даде некој друг лесен пензионерски пасворд.
Дознаваме дека градот ја разгледува и можноста во останатите денови, барем дел од производите од Сити Мол да бидат ставени на позитивна листа како и предлог закон цените да мора да бидат означени со поголем фонт.
Здружението на пензионерите го поздрави овој потег на град Скопје напоменувајќи дека надлежните треба да посветат особено внимание во Сити мол да не дојде до појава на промаја, која, како што е познато, е причина број 1 за насекираност кај возрасните лица.