Откако интернет јавноста почна да ја шерува фотографијата на која се гледа дека раката на Патријархот е украсена со скапоцен Breguet часовник вреден најмалку 30.000 долари, администраторите на официјалниот веб сајт на РПЦ итно реагираа и ја заменија со друга слика на која ракавот на Патријархот одеднаш стана подолг, покривајќи го спорниот православен додаток.
А бидејќи брзањето е мајка на сите слепи кучиња, замената ја направија погрешно, заборавајќи да ја извадат рефлексијата на часовникот врз масата.
Откако руските блогери го открија ваквото фотошоп чудо, на веб сајтот беше вратена оригиналната слика а црковните власти се извинија за грешката на која и дадоа технички карактер.
За да биде несреќата поголема, меѓу овие две фази се истрча самиот Патријарх Кирил кој во интервју тврдеше дека никогаш не носел часовник и секоја фотографија на која се гледа спротивното е дело на злите сили и душманите.
Педантните интернет фрикови извадија докази дека ултра скапоцениот Breguet прпват се појавува на праведниот зглоб на Патријархот во 2009-та година за време на неговата посета на Украина кога даде телевизиско интервју во кое зборуваше за важноста на аскетизмот.
"Breguet е израз на аристократијата, буржоазијата или поедноставно, на луксузен живот и елеганција", наведува компанијата потсетувајќи дека нивни часовници носела и Марија Антоанета а е спомнуван во делата на Виктор Иго и Александар Дима.