
ЕплТВ+ на 17 октомври премиерно ќе ја прикаже документарната серија „Г-дин Скорсезе“, посветена на легендарниот режисер Мартин Скорсезе, во режија на Ребека Милер („She Came to Me“, „Personal Velocity“).
Серијата има пет дела и е создадена со ексклузивен, неограничен пристап до приватните архиви на Скорсезе, како и со обемни интервјуа со него, неговото семејство, пријатели и креативни соработници. Меѓу нив се Роберт Де Ниро, Даниел Деј-Луис, Леонардо ДиКаприо, Мик Џегер, Стивен Спилберг, Шерон Стоун, Џоди Фостер, неговите деца, сопругата Хелен Морис и пријатели од детството.
Документарецот ја истражува врската меѓу шареноликите животни искуства на Скорсезе и неговата уметничка визија, од студентските филмови на Универзитетот во Њујорк до денес, обработувајќи теми како местото на доброто и злото во човечката природа.
Режисерката Милер изјавила дека проектот бил „сон за секој режисер“ поради можноста за пристап до толку многу легенди и лични сведоштва. Таа најавува и ексклузивна, досега непозната приказна за „Таксист“ – како Скорсезе, со упорност и верност кон својата уметност, успеал да го зачува интегритетот на филмот, кој подоцна станал културна икона.
Во првиот најавен клип, Скорсезе и негови колеги, меѓу кои и Стивен Спилберг, се присетуваат како „крвавата“ верзија на „Таксист“ речиси не била објавена и какви екстремни напори вложил режисерот за да ја заштити (клучен збор: пиштол).