Злобни фанатици се обидуваат да нè убијат и да ни ја уништат земјата. Тие ги креваат во воздух нашите војници преку океанот. Ни се имаат инфилтрирано во земјата. Мора да се одбраниме од овие насилни дивјаци пред да стане предоцна.
Оваа литанија со години е промовирана од корпоративно контролираните медиуми и од политичарите, пумпајќи нè со страв. Користена е да ја оправда масивната тековна војна која има убиено стотици илјади човечки суштества, и речиси ги има банкротирано САД.
Но дали ова е вистина? Кој ја има започнато војната? Кога е започната? Историјата на овој конфликт разоткрива различна приказна од онаа која постојано ни се подметнува. Римјаните се првите „западњаци“ кои се обиделе да доминираат, и да го ограбат Блискиот исток; после нив дошле христијанските крстоносци, а потоа империјалистите од 19 век. Од арапска перспектива, варварите постојано доаѓаат од север, а тие постојано се обидуваат да ги исфрлат. Во минатите стотина години нападите се имаат интензивирано, со откривањето на ново богатство: огромни резерви на црно, течно злато под пустинските песоци.
Во текот на Втората свтска војна, Британците ги убедија Арапите да се борат на нивна страна, ветувајќи им независност. Илјадници од нив умреа за британски битки, заради ветувањето за слобода. Но после победата, Британија одби да замине. Одржа контрола со инсталирање на кралеви-марионети кои владеат согласно нејзиниот интерес - Фаисал во Ирак и Бин Сауд во Саудиска Арабија.
По Втората светска војна, Британија и САД ги притиснаа Обединетите нации да конфискува арапска земја за да ја формира државата Израел, што значело дека Арапите платија за злосторствата на Германците. Освен што обезбеди држава за Евреите, Израел требаше да биде и база за проширување на западната економска и воена моќ на Блискиот исток. За Арапите ова беше уште една европска инвазија на нивната територија.
Во раните 1950-ти, САД и Британија ја сменија владата на Иран затоа што таа се обиде да ја национализира својата нафтена индустрија, која беше под западна контрола. Ние го поставивме Шахот како диктатор, и тој веднаш ни ја врати нафтата. Потоа почна со 25-годишно владеење, тероризирајќи го сопствениот народ. Неговата тајна полиција затвораше, мачеше или уби стотици илјади Иранци кои му се спротивставија. Бидејќи тие знаеја дека тој се одржува на власт само поради американската воена помош, почнаа да ги мразат САД. Конечно го соборија Шахот, но тогаш ЦИА почна да ја поткопува новата влада, обидувајќи се да ја сруши. Во тој момент Иранците одговорија со земање заложници - службеници на американската амбасада, што беше блага реакција, со оглед на тоа што и имаа направено тие на нивната земја.
Во средината на 1950-тите, Египет одлучи да го национализира Суецкиот канал и да го искористи приходот од него за да му помогне на сопственото население да излезе од сиромаштијата. Тие беа подготвени да им ја исплатат на британските и на француските сопственици целосната пазарна вредност на нивниот удел, но западните влади и Израел реагираа насилно, со инвазија и бомбардирање на Египет, до негово предавање.
Земјите имаат право да ги национализираат своите ресурси, сè додека плаќаат фер компензација, така што она што сакаа да го направат Иран и Египет беше легално. Западната реакција, од друга страна, беше илегална агресија која е спротивна на меѓународното право и на повелбата на ОН. Ова кај жртвите поттикна огромна желба за одмазда.
САД и Британија извршија слични злосторства во Ирак, Сирија, Либан, Либија, Индонезија и Авганистан. Ние ги соборивме нивните влади, поставивме диктатори, ги уништивме нивните економии - сè за да ги засилиме нашите бизнис интереси. Секаде каде што денес имаме тероризам, ние сме биле они кои први нападнале. Америка е под удар само затоа што прва нападна. Не е ни чудо што нè мразат. Замислете како би се чувствувале ние доколку некоја странска земја би ни го правела истото нам. Би се бранеле на секој можен начин.
Бидејќи ја немаат нашата воена моќ, тие пружаат отпор со единствената алатка која ја имаат: герилското војување. Како што напиша Мајк Дејвис: „Автомобил- бомба е авијација за сиромашни“. Богатите имаат стелт бомбардери, сиромашните имаат Тојота короли, обете полни со експлозиви. Бомбардерите се многу поголеми и убиваат многу повеќе луѓе. Од 11 септември САД имаат убиено над триста илјади луѓе - стотина пати повеќе отколку што загинаа во Светскиот трговски центар. Огромен број од нив беа цивили. Ние сме главните терористи, вооружени до заби со оружја за масовно уништување. Како што со едноставна елоквентност тоа го опиша Мартин Лутер Кинг: „Најголемиот насилник на светот денес е мојата сопствена влада“.
Нашите политичари и медиуми имаат создадено имиџ на терористи кои „нè мразат заради нашата слобода“. Всушност тие нè мразат заради тоа што ги потчинуваме. Бидејќи ние започнавме со агресија, нападите нема да запираат додека не ги напуштиме нивните земји.
Дури и фанатици како ал-Каеда во суштина не се агресори. Тие водат дефанзивна војна, обидувајќи се да нè избркаат. Западните медиуми никогаш не ги објавуваат нивните барања, бидејќи тие се многу разумни. Во основа се сведуваат на: „Одете си дома, и оставете нè раат. Повлечете си ги војниците, вашите ЦИА агенти, вашите мисионери, вашите корпорации, вон муслиманска територија. Направете го тоа и ќе престанеме да ве напаѓаме“. Ништо околу уништувањето на Западот или присилувањето тој да стане исламски. Само Западот да си остане на запад.
Доколку луѓето би го знаеле ова - кога би знаеле колку би било лесно да се запре тероризмот - тие не би сакале да ја водат оваа војна. Затоа и медиумите ги игнорираат барањата на ал-Каеда. Западните водачи не сакаат луѓето да видат дека вистинската цел на војната не е да го запре тероризмот, туку да ги контролира ресурсите во овој регион. Всушност потребен им е тероризмот, затоа што тој им го дава потребниот изговор - закана од злобен непријател.
Како што напишал Херман Геринг, помошникот на Хитлер:
Природно, обичните луѓе не сакаат војна. Но, секогаш е едноставно тие да бидат вовлечени во неа, без оглед дали тоа е демократија, фашистичка диктатура, парламентарна демократија, или комунистичка диктатура. Сè што треба да сторите е да им кажете дека некој ги напаѓа, и да ги обвините пацифистите за недостаток на патриотизам и за изложување на земјата на опасност. Истото функционира во која и да е земја.
Геринг бил во право и за некогашните и за сегашните демократии. Во нив влијанието на луѓето врз политиката се регулира за да обезбеди дека само про-капиталистичките партии имаат шанса. Корпоративното финансирање, избори во кои победникот носи сè, демократија сведена на слобода кај гласачката кутија и пристрасно известување на медиумите ефикасно ги елиминираат алтернативите. Демократијата значи моќ во рацете на народот. Но вистинската моќ во нашето општество - економската - останува цврсто во рацете на богатата елита, овозможувајќи им контрола врз политиката - и врз нас.
Капитализмот е секогаш во војна. Но насилството често е апстрактно: нè тера да прифаќаме ниско платени, исцрпувачки работни места или да гладуваме; ни оневозможува адекватна здравствена заштита, образование и економска сигурност; нè убедува дека човечките суштества се во основа изолирани, автономни и егоистични единки. Но кога ова не е доволно за зголемување на профитот, насилството станува физичко, топовите ечат, а елитата нè турка кон војна за да ја одбрани „нашата“ земја и да го уништи душманот. Нè мотивира да убиваме и да умираме за неа, а за тоа е потребна масовна пропагандна кампања - Америка е нападната! - со која се среќаваме секогаш кога ќе ги вклучиме нивните медиуми.
Зошто го прават ова? Чудовишта ли се?
Не, не се. Тие се само човечки суштества кои служат на еден нечовечки систем. Капитализмот е во основа предаторски. Бара агресивен раст. Или ќе доминираш или ќе те нема.
Овој поттик за доминација е коренот на војната, и сè додека не го елиминираме, ќе продолжиме да се убиваме едни со други. Неговата елиминација бара глобален напор за рушење на олигархискиот капитализам и негова замена со демократски социјализам. Политичката демократија мора да биде проширена и во економската сфера. Ние, луѓето на светот, мора да преземеме контрола врз силите кои ни ги моделираат животите. Ова е основа за градење општество во кое можеме целосно да се развиваме како човечки суштества. Откако еднаш ќе го оствариме ова, имаме реална шанса за долгорочен мир.
Вилијам Хатавеј,
професор по англиски студии на Универзитетот Олденбург во Германија и симпатизер на американската Социјалистичка партија на еднаквост