ОН од Тему:

Во бордот на Трамп се кој од кој кршачи на човекови права

„Војната е мир“ беше еден од слоганите на Министерството за вистина во романот „1984“ на Џорџ Орвел. Во таа приказна се вклопува Одборот за мир во Газа, кој Трамп го замислува како нови Обединети нации, ама од Тему. Повеќето од земјите чии лидери ја прифатија поканата за членство се обвинети за прекршување на човековите права, дури и од Стејт департментот.

На бизарниот инаугуративен состанок на Одборот за мир во февруари, Трамп прво прогласи мир на Блискиот Исток, па се закани дека самиот ќе го наруши со напад врз Иран. И го стори тоа по десет дена.

Во однос на престижот, никогаш немало нешто блиску до Одборот, бидејќи ова се најголемите светски лидери, објави Трамп, кој се постави за доживотен претседател.

Анализа на Интерсепт открива дека речиси сите 27 земји што ја прифатија поканата да бидат во Одборот Трамп биле критикувани за кршење на човековите права. Некои фигурираат на списокот на Стејт департментот објавен од државниот секретар Марко Рубио, а други биле во извештаите за претходните години.

Од 27 членки, 23 се сметаат за одговорни за тешки злосторства: незаконски или произволни убиства или тортура. Ако се додадат и последните извештаи од администрацијата на Џо Бајден, нивниот број се искачува на 25. 

Членовите на Одборот на Трамп се, всушност, меѓу најлошите прекршители на човековите права на планетата, меѓу кои главни се Белорусија, Израел и Саудиска Арабија, заклучува Интерсепт.

Белорусија, на пример, е обвинета за „сериозни злоупотреби во конфликт“, поврзани со војната на Русија против Украина“. Пакистан за „сериозни злоупотреби во конфликт“. Турција за „незаконско регрутирање или користење на деца во конфликт од страна на вооружени групи поддржани од владата“, а Индонезија за „произволни или незаконски убиства“ во „операции против бунтовници против вооружени сепаратистички групи“.

Во извештај објавен минатото лето, Стејт департментот на Рубио го критикуваше Кралството Саудиска Арабија за значајни прекршувања на човекови права, вклучувајќи „произволни или незаконски убиства; исчезнувања; тортура и суров, нечовечки или понижувачки третман или казнување; како и и произволно апсење и притвор“. 

Израел е критикуван поради „произволни или незаконски убиства“, како и „сериозни ограничувања на слободата на изразување и слободата на медиумите“. Тоа е поблага оценка во споредба со онаа од Комисијата на Обединетите нации што ја истражуваше војната во Газа и утврди дека Израел извршил геноцид врз Палестинците.

Овие земји, под водство на Трамп како претседател со доживотен мандат, ќе треба да го надгледуваат спроведувањето на мировниот план за Газа. Трамп настојува да го преформулира Одборот за мир како глобално тело за прекинување или спречување на војни, кое ќе врши надзор и над Обединетите нации, за да се осигура дека тие функционираат правилно

Ќе ѝ помогнеме на Газа, ќе ја средиме, ќе ја направиме успешна, ќе ја направиме мирна и ќе правиме слични работи на други места, изјави Трамп.

3 март 2026 - 17:02