Тоа што не може ЦИА, може Националниот фонд за демократија

НФД е американска организација која начелно служи за поддршка на демократијата по светов но често се доживува како фасада за рушење непожелни влади и инсталирање марионети. Ги има и овде, со години финансираат Метаморфозиси, Вистиномери, бараат следачи на говор на омраза... нешта без кои не би ни можеле да замислиме волку добро да ни оди.  

Шефот на канцеларијата на украинскиот претседател, Андриј Јермак, месецов се сретна со Дамон Вилсон, американски стручњак за надворешна политика и претседател на Националниот фонд за демократија (National endowment for democracy).

Веста за посетата не привлече некое посебно внимание од светската јавност - уште една во долгата низа посети на странски државници во Киев, каде гостинот силно ја стиска раката на окупираниот домаќин и изразува целосна поддршка за Украина. Меѓутоа, НФД не е обичен бирократски апарат. Неговата историја е долга и често е, во најмала рака контроверзна, а во најлош случај - крвава.

„Националниот фонд за демократија е основан во 1983, во времето на претседателот Роналд Реган. Себе сака да се означува како невладина и непрофитна, но практично функционира по директиви на американската влада и се потпира на финансиската поддршка на Белата куќа и Конгресот“, пишува од Вашингтон Каја Сајовиц, за порталот на РТВ Словенија. Со државни и приватни средства финансира и поддржува политики насочени кон промена на режими низ целиот свет.

Како таков, НФД е клучен во спроведување на американската мека моќ низ светот и годишно троши 170 милиони долари на организации кои се грижат за поддршка или инсталирање режими наклонети кон САД, а истовремено поткопува влади кои се противат на американската воена или економска политика и ја потпалува локалната опозиција.

Официјално НФД е „посветен на раст и зајакнување на демократските институции по светот“, како што наведуваат во описот на својата веб страница. Го има во над 100 држави во светов.

Или, како што во 2014 ќе напише Брендан И. Кернер во Слејт магазин:

„Зависно од тоа кого ќе прашате, НФД е или непрофитен заговорник за слободата или идеолошко мотивирана организација која се меша во светските работи“

Од Грузија до Србија, од Египет до Боливија

Во кои „светски работи“ се има вмешано? Меѓу другото има одиграно улога во распадот на Советскиот сојуз, во револуцијата на розите во Грузија која доведе до пад на Шеварнадзе, де-факто ги има „избрано“ водителите на опозицијата во багерската револуција во Србија и ја финансираше српската опозиција, во револуцијата во Боливија која доведе до повлекување на Ево Моралес, во чија ера државата имаше најголема политичка стабилност и најбрза раст во Јужна Америка. За рушење на Моралес, НФД има потрошено 70 милиони долари, пишува Сајовиц.

НФД беше актер и во паѓањето на владата на Хосни Мубарак во 2011 во Египет, во арапската пролет каде финансираа про-американски поединци и групи, како и во портокаловата револуција во Украина во 2004 во која САД финансираа околу 65 невладини организации во државата и обезбедија дури и средства со кои се плаќаа протестирачи.

Пари од НФД (309.963 долари) имало и за Словенија, во години кога на власт беше Јанез Дрновшек.

Крвавите раце на Елиот Абрамс

Во бордот на директори на НФД меѓу другите седи и Елиот Абрамс, контроверзен и озогласен по своите улоги во аферата Иран-Контра (постариот Буш го помилува во 1992), и контроверзните политички ангажмани во Гватемала, Салвадор и Никарагва во 80-тите под претседателот Реган. Абрамс со воена помош го помогна диктаторот Ефреин Риос Монт, кој дојде на власт со државен удар, а подоцна беше осуден за геноцид над гватемалски староседелци.

Во меѓувреме, во Салвадор, тогашната американска влада финансиски и на други начини ја спонзорираше владата која изврши масакр над стотици цивили, а Абрамс пред одборот на Сенатот сведочеше дека во извештаите „се претерува“. Дури и кога се докажа дека обвинувањата за масакри се целосно точни, тој политиката на Вашингтон во Салвадор ја оцени како „неверојатно достигнување“. Последно, Абрамс беше ангажиран од Доналд Трамп, кога во 2019 пробуваше да ја сруши владата на Николас Мадуро во Венецуела, и да ја инсталира про-американската марионета Хуан Гуаидо.

НФД како втора ЦИА?

Ерик Т. Хејл во 2003 година во својата докторска дисертација „Квантитативна и квалитативна оцена на НФД“ вели дека критичарите се сомневаат во алтруистичката цел за промовирање на демократијата и слободните пазари, и сметаат дека организацијата има далеку поегоистичен мотив - промоција на интересите на САД. Тие потенцираат дека НФД никогаш нема финансирано групи чија агенда не била усогласена со интересите на САД.

Во 1986 претседателот на НФД, Карл Гершман има изјавено, дека НФД бил создаден „затоа што би било лошо за демократските групи по целиот свет кога би изгледало како да ги финансира ЦИА. Тоа го видовме во 60-тите и затоа престанавме со тоа.“

Непрофитната истражувачка организација ПроПублика наведува и интервју од 1991 година, во кое тогашниот претседател на НФД, Ален Вајнстин, вели дека „голем дел од тоа што го правиме денес, пред 25 години скришно го правеше ЦИА.“

Истата година и уредникот на Вашингтон Пост, Давид Игнациус, во статијата „Нов свет без пучеви и шпиуни“ пишува дека НФД во суштина „го прави јавно она што ЦИА го има правено скришум“.

Украина како „најголема награда во натпреварот помеѓу Истокот и Западот“

Често се занемарува активната американска улога во дестабилизацијата на про-руската влада на Виктор Јанукович. САД тоа го правеа токму преку механизни како што се НФД и УСАИД преку кои ги потпалуваа анти-владните активности во државата.

Во Украина меѓу примателите на средстава на НФД била и локалната филијала на Меѓународниот републикански институт (IRI), со кој своевремено претседаваше покојниот републикански сенатор Џон Меккејн, кој за време на протестите во Украина во 2014, заедно со други претставници на американската влада лично долета во Украина, за да ги охрабрува демонстрантите.

Денеска, за руско-украинската војна, чиј рок на траење го продолжува западната меѓународна заедница со пратки оружје, се употребува терминот „посредна војна“ меѓу Западот и Русија.

Меѓутоа, уште во 2013 претседателот на НФД, Карл Гершман, во колумна за Вашингтон Пост Украина ја означува за „најголема награда“ во натпреварот меѓу Истокот и Западот.

Во декември 2013 Викторија Нуланд, тогашната заменичка на американскиот државен секретар за европски работи и долгогодишна поддржувачка на промената на режим во Украина (подоцна влезе во надзорниот одбор на НФД), истакна дека од 1991 САД имаат потрошено 5 милијарди долари за „промоција на демократија“ во Украина.

Парите оделе во поддршка на високи претставници на украинската влада, одредени бизнисмени и опозицискиот граѓански сектор, кои се наклонети кон американските интереси и цели.

Во 2015 руската влада го прогласи НФД за „непожелна“ невладина организација, со што фондот стана првата организација забранета по новиот руски закон за непожелни организации финансирани од странство.

„И додека во пребарувачот на НФД може да најдеме податоци за субвенции за практично секоја држава, тие податоци (повеќе) не можеме да најдеме за Украина. НФД во првата недела од март годинава ги избришаа сите податоци за проекти кои ги имаат финансирано во Украина“, пишува на порталот на словенечката државна радио и телевизија.

Пекинг: Американски крстоносец за демократија

НФД неодамна конечно ѝ стапна на нога и на Кина, која Пекинг уште во 2019 ја санкционираше заради наводно прикриено потпалување на протестите во Хонг Конг и дејствување како „фронт за разузнавачките активности на САД“.

Кинеското министерство за надворешни работи минатата недела објави извештај во кој меѓу другото напишаа дека НФД, како еден од главните американски „воини“ и „крстоносци за демократија“, станал архитект на сепаратистички немири, шарени револуции и политички кризи по целиот свет, и притоа „зад лажни претензии за промовирање демократија поткопува демократски изгласани влади и создава про-американски марионетски сили“.

Претставникот на кинеското министерство за надворешни работи, Џао Лиџјан, притоа напиша дека во реалноста НФД е „втора ЦИА“.

„Не е тоа никаква невладина организација која би се грижела за демократијата во странство. Таа добива наредби директно од американската влада и манипулира со невладини организации преку донации, за да може да поткопува, да се инфилтрира и да саботира, и со тоа да ги поддржува стратешките интереси на САД.“

Како што наведува извештајот на кинеското МНР, Кина веќе долго е една од клучните мети на НФД чија цел е одвојување на Синкјанг, Тибет и Хонг Конг од Кина.

„САД веќе долго време ја злоупотребуваат демократијата како алатка и оружје за поткопување на демократијата во името на демократијата, за потпалување поделби и конфронтации, како и за мешање во внатрешните работи на други држави при што предизвикуваат катастрофални последици,“ предупредуваат Кинезите.

Претседателот на НФД, Карл Гершман целосно отворено подржуваше шарена револуција во Кина и промена на тамошниот режим.

Кон НФД се критични и на Куба

Со кинеската оцена на НФД се согласува и Луис Рене Фернандез, кубански академик на Унверзитетот во Хавана кој оценува дека  американските власти го употребуваат НФД за „рушење на политичкиот поредок на суверени држави и мешање во нивните внатрешни работи“.

„НФД дејствува како фасада за вистинските интереси на американската влада, дали со обуки, дали со финансирање на револуционерни организации“, потенцира Фернандез кој потсетува дека наспроти декларативната грижа за Кубанците, НФД сесрдно го поддржува американското ембарго кое трае веќе 60 години.

„Американската влада на НФД му има обезбедено средства и поддршка за промена на уставниот поредок на Куба,“ тврди Фернандез и потсетува дека НФД стои и зад бројни државни удари во Латинска Америка и таканаречените шарени револуции во Европа и Африка.

„Американската влада лаже кога НФД го опишува како платформа за одбрана на демократијата и човековите права по светот. Преку невладини и други организации НФД е само маска за американските владини програми за уништување на демократски изгласани влади.“

*извор

29 јуни 2022 - 12:01