Користејќи го своето богато политичко искуство, премиерот Никола Груевски на суптилен начин јасно даде до знаење каков е неговиот став околу дилемата дали мора да се стави кацига кога се вози велосипед во град.
Како на културен дечко, на Груевски не му личи сељачки да натура свои гледања на секоја тема од нашето живеење, но затоа е искусен политичар кој во ракав има широка палета потези со кои може да изрази свое мислење без да си навлече непотребна сенка на авторитарност.
Таков е и случајот со темава која нè занима.
Браво Грујо, така се прави тоа! Фоткиве се дел од еден постар тв прилог за тоа како и на кој начин македонскиот премиер се рекреира во слободно време. Наивните можат да помислат дека неговиот велосипедски аутфит е случаен па ете, не земал кацига. Или пак дека не носи кацига само затоа што уште немало пропис за задолжително носење.
Бидете малку паметни. Да мислеше премиерот дека кацигата е неопходна, зарем немаше и сам да носи, за со свој личен пример да ја подигне свеста за нејзината круцијална важност за безбедноста? Ни сега, ни во времето кога е правен прилогот, не било забрането да се носи кацига. Тој што мислел дека треба да се носи, носел, тој што не мислел така, не носел. Да видиме уште еднаш на фотографија:
Значи, јасна е работата, не може да биде појасна. Претседателот на Владата на Република Македонија не мисли дека кацигата треба да е задолжителна кога се вози точак. Оваа идеја изгледа се бутка од некои пониски ешалони на власта кои се махери да носат политики "слон во стаклара".
Како што спомнавме во претходната прилика кога го најавуваме писмото со аргументи на граѓанските друштва против најавениот пропис, главен негов ефект ќе биде намалување на бројот на велосипедисти, една од ретките позитивни работи кои се случуваат во македонските градови. Зошто? Затоа што кога 2-3 пати ќе те плеснат со казна за неносење кацига (си тркнал до некаде), нормално е човек да рече, јебеш точак, палам кола.
Питомиот велосипедизам допрва треба да се калеми на дивиот македонски градски сообраќај. За тоа треба создавање услови и трпение.
Следниот пасос ќе го напишеме со големи букви, за да можат и СЛЕПЦИ да го прочитаат:
ВЕЛОСИПЕДИСТИТЕ СЕ НАЈЗАШТИТЕНИ КОГА ГИ ИМА МНОГУ. КОГА ГИ ГЛЕДАШ НАСЕКАДЕ, ДУРИ ТОГАШ ТИЕ СТАНУВААТ ВИДЛИВ ФАКТОР ВО СООБРАЌАЈОТ. СТАНУВААТ УЧЕСНИЦИ КОИ НЕ МОЖЕШ ДА ГИ ИГНОРИРАШ. УЧЕСНИЦИ НА КОИ ВОЗАЧИТЕ НА АВТОМОБИЛИ ПОЧНУВААТ ДА ВНИМАВААТ. НАМАЛИ ГО БРОЈОТ НА ВЕЛОСИПЕДИСТИ И СО ТОА АВТОМАТСКИ ГИ СТАВАШ НА ОТСТРЕЛ, ДА БИДАТ КАЧЕНИ НА ХАУБА СО ПРОПРАТНОТО: "ОД КАДЕ ИЗЛЕЗЕ БЕ ДЕЧКО, НЕ ТЕ ВИДОВ?". ТОА Е УМНА ПОЛИТИКА - ДА ПРАВИШ УСЛОВИ ДА ГИ ИМА МНОГУ А НЕ ДА НОСИШ ПРОПИСИ ДА ИМ ГО ОДМИЛИШ ТОЧАКОТ.
Му благодариме на премиерот за недвосмислената поддршка и сигурни сме кога имаме и аргументи и сојузник од таков калибар, ќе почнеме да победуваме во битките против неумните политики да се вади сатар таму каде што треба да се калеми.
Ѕрн- ѕрн!
Т.