Тврдењето за „30.000 жртви“ за време на дводневните протести низ Иран всушност се базира на лична претпоставка на анонимен извор, кој оценил дека официјалниот биланс од 3.117 загинати лица при задушувањето на демонстрациите „веројатно претставува помалку од 10% од реалниот број на жртви“.
Информацијата првично беше објавена во магазинот „Тајм“ на 25 јануари, а потоа беше пренесена и во Гардијан, со засилен интензитет до степен да предизвика официјални реакции од Брисел и санкции за Револуционерната гарда.
На статијата во Гардијан е потпишана Дипа Парент, поранешна модна блогерка претставена како независна новинарка од Париз, која во лондонскиот весник објави десетици написи со повици за промена на режимот во Техеран. Таа нема наведено какви било врски со Иран. Пред да го промени своето презиме од Калукури во Парент во 2019 година, таа главно пишувала модни рецензии за индиски медиуми, со наслов како „Саманта поставува сериозни модни цели! Погледнете ги!“, за списанието Just For Women.
Откако во септември 2022 година во Иран почнаа протестите поради смртта на младата жена во притвор, Парент стана водечки новинар во Гардијан што ги следи граѓанските немири во Иран. Рубриката „Права и слобода“ во весникот главно е финансирана од невладината организација Хјуманити јунајтед на милијардерот Пјер Омидјар и неговата сопруга. Омидјар, според Минтпрес, соработувал со американски разузнавачки филијали - како Националната фондација за демократија и УСАИД - за да промовира промени на режими од Украина до Филипините, преку напори за „контра-дезинформации“.
Кога критичари на нејзината статија забележале дека бројот од 30.000 жртви веројатно е преувеличен, Парент се бранела дека иако е новинарка, нема обврска да го докажува тоа што го напишала: „Не треба никого да убедуваме за масакрот што го изврши Исламската Република врз невини цивили во Иран... бидејќи оние што носат одлуки не ги следат твитовите на троловите, туку потврдените извештаи“.
Само еден ден подоцна, таа наведе дека „анонимен лекар“ ја потврдил бројката. „Докторот Ахмади“, како што го претстави, го составил билансот врз основа на податоци и информации од над 80 медицински професионалци во 12 ирански провинции. Тој биланс се поклопил со претпоставката на оригиналниот извор на информацијата - ирански монархистички оперативец во Германија.
Како извор на оригиналниот напис на Тајм од 25 јануари беше посочен германскиот очен хирург Амир Параста. За него подоцна е утврдено дека е близок соработник и лобист на Реза Пахлави, син на соборениот ирански шах. Хирургот е советник во NUFDI - главната лоби група со седиште во САД која работи на мисијата на Пахлави да се врати на тронот во Техеран. Коавтор на статијата во Тајм е Каи Армин Сержои, персиски дописник на на Тајмс оф Израел.
Парент, исто така, тврди дека Гардијан добил фотографии што сведочат за огромниот број на жртви, но призна дека автентичноста не била потврдена од весникот, туку од „иранската“ организација за проверка на факти Фактнамех. Организацијата всушност не е иранска, туку е филијала на приватната компанија ASL19 регистрирана во Торонто, која во 2022 и 2023 година добила 2,9 милиони долари од Стејт департментот.
Иранската влада ја отфрли бројката од 30.000 убиени демонстранти како претставување „голема лага во стилот на Хитлер“ како дел од кампањата предводена од САД и Израел за да се обезбеди поддршка од јавноста за промена на власта во Техеран.
Веќе на 28 јануари, откако приказната се изврте низ мејнстрим медиумите, Евроњуз објави дека Италија и Шпанија попуштиле во отпорот да одобрат санкции за Револуционерната гарда. Анонимен европски дипломат ја опиша нивната одлука како „важен сигнал кон иранската влада и израз на поддршка за иранската дијаспора, која долго време повикува на ова“.