Нашиот Александар Македонски е женско и се вика Ивана

Поминати  82.000 километри низ 39 земји и 5 континенти. Патувањето започна на 17 април 2013 а Ивана деновиве ни пиша како ѝ е и зошто уште го прави тоа.

Ова патување не е годишен одмор
пишува: Ивана Чолаковска, првата Македонка на пат околу светот со мотор

Ми пукаа капилари и ми течеше крв од носот, тешко се истрпуваше притисокот од височините и стресот и стравот од непознатото со кои се соочив поминувајќу ја Памир планина во ноември.
Исто така таму, на Памир, екстремно ладните температура ми ги замрзнаа врвовите на прстите од што на неколку месеци го изгубив осетот. Бев принудена да се вакцинирам против жолтица, но ризикот продолжува, нема вакцина за маларија и за денге кои се невидливи непријатели но сепак постојат во многу од државите каде поминуваме.

Телото ми беше изнемоштено од напор со монсунските дождови кога потклекна во борбата. Среката ја барав една недела од жителите од едно мало селце по име Бами за да се обидат да ја спуштат високата температура од моето тело. Повеќе од десет пати морав итно да барам мала амбуланта во селските области за да ми дадат кислород и да продолжам да се спротивставувам на предизвиците. Ги поминуваме голем број од огромните пустини во Австралија, каде речиси и не можев да спијам размислувајќи секое утро дали ќе најдам змија отровница под шаторот или во обувките.

Многу пати паднавме од моторот. Еден пад беше на еден од најизолираните патишта што можеш да ги замислиш. Овој пад заврши со скршеница на глуждот на десната нога. Најблиската болница беше на 300 км на "Carretera Austral" во Патагониjа во Чиле. Кога конечно стигнавме, мораше итно да ме оперираат. Коските ги споија со девет штрафови кои ми дадоа надеж дека ќе можам да го продолжам и да го завршам патувањето, пат околу свет со мотор кое го започнавме пред две ипол години.

Овие и уште многу ризици носи проект како нашиот. И покрај сето ова, понекогаш добивам коментари од наши сограѓани кои не ја сфакаат вредноста на сето ова и сметаат дека сум девојка со многу пари која се шета на годишен одмор.

Баш ми е жал за нив, не за друго туку затоа што не сакаат да се потрудат да видат малку подалеку на работите. Не ја започнав оваа авантура за да докажам никому ништо. Ја започнав за да докажам на самата себеси дека можам да му се спротивставам на сопствениот страв и да излезам да го запознам светот кој ме повикува на цел глас.


Сигурно е тешко да се сфати дека едно девојче од 165 цм, без никаква физичка спремност ниту пак фамилија богаташи, може да го оствари она што го сака.

Затоа решив да го напишам овој текст, за да ви кажам дека ова патување не е годишен одмор. Тешко е зад себе да се остави семејството и пријателите и да се започне патување за кое незнаеш кога точно ќе заврши.

И покрај тоа што е тешко и е напорно да се реализира патувањето, сепак наоѓам време и се борам против заморот за да продолжам и да мотивирам барем неколку од оние кои ја следат нашата фан страна Around Gaia. Да ги мотивирам да го следат својот сон и кога тоа изгледа тешко и невозможно.

Мојот проект сака да го претстави светот на поразличен начин, да ги отстрани предрасудите за религиите и расите, бидејќи до сега сите нè пречекаа со отворени врати и ми овозможија да научам дека не сме многу различни. Иако е тешко, продолжувам со насмевка, бидејќи кога ќе видиш како сонот станува реалност, се заборава на сите пречки и тешкотии. И сфаќаш дека навистина вреди.


Ивана Чолаковска
Around Gaia

13 октомври 2015 - 14:05