Трансхуманизмот е една збирштина од верувања дека еден ден смртта може да биде опционална и дека до тој ден само треба некако да се преживее.
Главно голтаат апчиња, скапи и прескапи, прават комбинации па ги споделуваат меѓу себе, се храбрат од студии со животни на кои научниците успеале да им го продолжат животот за 20 и 30%. Џемс Клемент, еден од протагонистите во оваа приказна, пие суплементи од два полни плакари; едниот плакар му е за преку ден, од другиот голта пред спиење. Пробува да го продолжи животот и на себе и на своите родители на кои засега добро им оди бидејќи старите имаат по 90-тина години.
За секој случај, Клемент има и бекап план: на раката носи специјална бразлетна која оној кој би го нашол неговото мртво тело би го упатила да ја побара компанијата Алкор од Аризона која се бави со смрзнување и чување човечки мозоци. Клемент кај нив е во припеид и таму неговиот смрзнат мозок би чекал подобри времиња за повторно да биде оживеан.
Еден од родоначалниците на оваа група е легендарниот истражувач од Гугл и футуролог Реј Курцвеил и неговата влијателна идеја за сингуларност: се ближи денот кога напредокот во науката и технологијата ќе почнат да додаваат години во човечкиот век побрзо отколку што годините се трошат. До тогаш само треба да се издржи.
Трансхуманистите во САД имаат и црква која се вика Црква на постојаниот живот. Еден од апостолите им е Артур Кларк а не изненадува што основачот на црквата е ултра-богат бизнисмен кој се занимава со - продажба на суплементи. Тој пред две години беше опоменат од федералната агенција за храна и лекови дека дури 400 негови производи содржат непоткрепени тврдења за здравствени бенефити и продолжување на животот.