Одлуката на Јутјуб за демонетизација на подкастерот Брет Вајнстин отвора сериозни прашања, пред се за ризиците од ограничување на примената на Првиот амандман во САД во делот на слободата на говорот и од создавање на нов вид на клиентелистичко однесување помеѓу приватниот и јавниот сектор.
Пред нешто помалку од три години, главниот уредник на Infowars, АлексЏонс, беше исклучен од платформите на Фејсбук, Епл, Јутјуб и Спотифај, со што неофицијално започна ерата на „модерација на содржините“ на социјалните мрежи. Опфатот на овој нов вид на цензура значително се проширува преку неколку настани од поголем калибар: кога Фејсбук и Твитер го потиснаа споделувањето на приказната за лаптопот Хантер Бајден во текот на изборната кампања во САД во 2020 година, суспензијата од социјалните мрежи на тогашниот претседател на САД Доналд Трамп, „пукањето“ во колено на Парлер од страна на Епл и Амазон, потоа отстранувањето на неедитирани снимки од немирите во САД на 6 јануари на Капитол, и други.
Одлуката на Јутјуб оваа недела за демонетизација на подкастерот Брет Вајнстин спаѓа во овие настани од голем калибар и тоа при самиот врв, бидејќи претставува поинаква, можеби и повознемирувачка препрека за слободниот говор споредено со претходните примери.
За Вајнстин и неговата сопруга Хедер Хеинг пишував пред две недели (види: Запознајте се со цензурираните: Брет Вајнстин), обајцата биолози се домаќини на подкастот DarkHorse, кој според која било мерка е меѓу поуспешните независни медиумски операции во САД. Тие имаат два канали на Јутјуб, главен канал со цели епизоди и стримови во живо, и канал со „клипови“ со извадоци од тие емисии.
За двата канала, тие биле предупредени 11 пати во изминатиов месец. Поточно, Јутјуб се фокусирал на две области од дискусиите кои ги водат на подкастот за кои верува дека промовираат „медицински дезинформации“. Првата е потенцијалната ефикасност на лекот Ивермектин кој најде нова (втора) примена како лек за третман на заразени од Ковид-19. Втората проблематична област за Јутјуб се дискусиите за можните слабости на mRNA вакцините произведени од Модерна и Фајзер.
Вајнстин, кој исто така беше критикуван затоа што говорел за теоријата за лабораториско создавање и протекување на вирусот Ковид-19, многу пред официјалниот наратив и мејнстрим медиумите да дозволат да може да се говори за таа можност (без да се биде обвинет за ширење теории на заговор), вели дека одлуката на Јутјуб ќе резултира со губење на „половина“ од приходите што ги остварува заедно со сопругата. Сепак, вели тој, Јутјуб им соопштил дека може да аплицира за монетизација повторно по еден месец.
Известувањето на Јутјуб отприлика гласи вака: „Едитирајте/променете го вашиот канал и повторно аплицирајте за монетизација… Направете измени на вашиот канал врз основа на овие повратни информации. Промените може да вклучуваат едитирање или бришење на видеа и ажурирање на деталите за видеото. ”
„Тие сакаат да се само-цензурирам“, вели тој. „Ако не престанам да емитувам информации кои се во судир со официјалниот наратив од ЦДЦ (Центарот за контрола и превенција на болести во САД), ќе продолжи демонетизацијата на моите канали“.
Болките на Вајнстин со Јутјуб звучат како една епизодата од „Ѕвездени патеки“, во која екипажот на „Ентерпрајз“ се обидува и не успева да комуницира со злонамерен АИ робот кој го напаѓа бродот. Во последниве две недели, Вајнстин испратил неколку меилови до Јутјуб, при што во еден момент добил меил од некој што се идентификувал само како „Кристофер“, што укажува на желбата да се одржи комуникација помеѓу Вајнстин и вработени од Јутјуб.
Во текот на оваа комуникација, Вајнстин побарал од лицето со кое комуницира дали може да му го каже точното име и презиме и телефонот за контакт. Му реков, видете, прво треба да знам со кого разговарам, дали вистински постоиш, кое е твоето вистинско име и презиме, кој е твојот телефонски број и така натаму, се потсеќа Вајнштајн. Но, откога го побарав вистинското име и меил на „Кристофер“, тие не сакаа тоа да ми го кажат. По ова негово барање, наместо да му дадат вистински контакт од лицето со кое комуницирал, Јутјуб му испратил одговори во претходно утврдена стандардизирана форма, кои автоматски се испраќаат а се однесуваат на демонетизацијата.
Како што многупати претходно е зборувано, ова е честа појава во сите слични ситуации, со тоа што приказната на Вајнстин е малку почудна и поинаква, бидејќи повеќето од луѓето кои се нашле во слична ситуација не добиле повеќе од стандардизиран одговор од компанијата. Јутјуб реагираше преку медиумите на прашањата во врска со случајот со Вајнстин, сакајќи да покаже дека неговиот случај сериозно го разгледуваат.
Одлуката на Јутјуб за Вајнстин и Хаинг се чини дека е дел координиран настап, бидејќи бројни други лица кои имаат пишувано и говорено на оваа тема или имаат настапувано на DarkHorse, се цензурирани од други интернет платформи. Гостинот на Вајнстин д-р Роберт Малоун, поранешен истражувач на Институтот Салк, кој во голем дел е заслужен за развојот на mRNA технологијата на вакцини, е суспендиран од LinkedIn. Исто така, на гостинот на Вајнстин д-р Пјер Кори од Алијансата за критична грижа Фронт линија COVID-19 (FLCCC) настапите на Јутјуб му беа отстранети. Дури и на Сатоши Омура, кој ја доби Нобеловата награда во 2015 година за неговата работа на Ивермектин, наводно му беше отстрането видео од Јутјуб оваа недела.
Постојат неколку причини кои го прават инцидентот на Јутјуб со DarkHorse подкастот различен од другите познати одлуки за „модерирање на содржини“ од страна на челните компании од Силиконската долина. Пред сè тоа е фактот дека предметната содржина на DarkHorse не е никако поврзана со терање предизборни политики и агенди, ниту пак е пример на мешање на странски држави или ниту пак пример со кој би се поттикнале граѓански немири. Главното прашање поврзано со блокадата на DarkHorse е дека тоа е пример за можен координиран настап на јавна и приватна цензура.
Кога го контактирав Јутјуб за Вајнстин пред две недели, ми одговорија: „Општо ние се потпираме на насоките и упатствата од локалните и глобалните здравствени власти (ФДА, ЦДЦ, СЗО, НХС, итн.) при развивањето на нашите политики против ширење дезинформации за КОВИД-19“.
Клучното прашањето кое ми се поставува е, дали се работи за активно или пасивно „насочување“? Дали Јутјуб се консултира и добива директни насоки од овие институции при развивањето на политиките за „модерација на содржините“? Како што објаснува Вајнстин, потврден одговор на ова прашање би значело дека тоа е спротивно на Првиот Амандман од Уставот на САД во делот на слободата на говорот. Во тој случај државна агенција како ЦДЦ не само што ги пропишува јавните здравствени политики, туку и директно ја ограничува приватната дискусија на граѓаните за тие политики.
На прашањето поставено по демонетизацијата на Вајнстин дали „под добивање насоки“ се подразбира консултации со властите, Јутјуб во суштина одговори да, посочувајќи на претходните соопштенија во кои кажуваат дека се консултираат со други авторитети од различни области при што додадоа: „Кога ги развиваме нашите политики, се консултираме со надворешни експерти и креатори на Јутјуб содржини. Во врска со нашите политики против дезинформации поврзани со COVID-19, тоа би било упатства и насоки од локалните и глобалните здравствени власти “.
Вајнстин и Хаинг може да се најистакнатата медиумска операција против не-конзервативци кои паднаа во немилост на Јутјуб. За разлика од случајот со Алекс Џонс,преземените мерки против содржините на DarkHorse шоуто не беа поддржани со одобрување од јавноста. Всушност, тие инспирираа силна негативна реакција од целиот медиумски спектар, почнувајќи од Бил Мар до Џо Роган и Такер Карлсон.
„Тие скоро целосно го исфрлија Брет Вајнстин од Јутјуб“, рече Мар (44 минута) во неговото шоу минатата недела. „Јутјуб не треба да ми кажува што можам да гледам и слушам за Ивермектинот. Ивермектин не е републиканец. Тоа е лек!“ (бонус интервју на Бил Махер со Брет Вајнстин и неговата сопруга ХедерХеинг од јануари 2021).
Од гледна точка на Јутјуб, „медицинските дезинформации“ во видеата на DarkHorse најверојатно се однесуваат само на неколку емисии на Вајнстин. На пример, дискусијата помеѓу Вајнстин и Мелоун во видео за вакцините за mRNA произведени од компании како „Модерна“ и „Фајзер“:
Вајнстин: …Другиот проблем е што овие вакцини во организмот ги кодираат протеинските шилци ... но самиот протеин на шилците, каков што сега го познаваме е многу опасен, тој е цитотоксичен, дали е тоа фер опис?
Мелоун: Повеќе од фер и за овој ризик ја алармирав ФДА пред повеќе од неколку месеци.
Во друг пример, во разговор на подкастот на DarkHorse, претприемачот и финансиер на истражувањата за флувоксамин, Стив Кирш спомна дека неговиот чистач на теписи имал срцев удар неколку минути по земањето на вакцината Фајзер и го цитира канадскиот вирусен имунолог Бирам Бридл, велејќи дека вакцината COVID-19 не останува локализирана во точката на инјектирање (рамото), туку „оди низ целото тело, оди до вашиот мозок, до срцето…“.
Политифакт го оцени тврдењето дека шилестиот протеин е цитотоксичен како „лажно“, цитирајќи го ЦДЦ за да го опише шилестиот протеин како „безопасен“. Што се однесува до идејата дека протеинот прави штета на другите делови од телото, вклучително и на срцето, тие цитираа портпарол на ФДА кој рече дека нема докази дека протеинот од шилци „го има во токсични нивоа низ телото“.
Дали одредени лекари ќе тврдат дека досега идентификуваните 226 случаи на миокардитис се малку имајќи предвид дека се администрирани 130 милиони дози на вакцини, и севкупната опасност од миокардитис поврзана со вакцината е далеку помала од опасностите од миокардитис кај пациентите заболени со Ковид-19?
Апсолутно. Но исто така е вистина дека самиот ЦДЦ имаше состанок на 18 јуни 2021 година за да дискутираат за случаите на воспаление на срцето пријавени меѓу луѓето кои примиле вакцина. ЦДЦ, со други зборови, им кажува на новинските аутлети како „Политифакт“ дека шилестиот протеин е „безопасен“, а истовремено одржува ад-хок состаноци на кои разговараат за можноста дека можеби и не е безопасен. Се поставува прашањето дали само службените лица на ЦДЦ имаат право да разговараат за овие работи?
Поголемиот проблем на постапките на Јутјуб е што владините насоки кои ги применува се значително зависни од информациите што на властите им ги даваат фармацевтски компании, кои пак имаат докажана историја на нецелосно информирање на јавноста.
На пример, во изминатата деценија американската влада потроши над 1,5 милијарди долари за набавка на Тамифлу, лек произведен од швајцарската фармацевтска компанија Рош. Подоцна се покажа - благодарение на напорите на еден педијатар кој оставил свој коментар на медицински форум на интернет - дека Рош ги скрил клучните информации за тестирање на лекот од британските и американски купувачи, што резултира со тужба за Рош за измама. Слични контроверзии имаше и за лековите за артритис Виокс и лекот за дијабетес Авандија, при што последователните истраги кои произлегоа беа поттикнати од укажувања на независни лекари и академици.
Исто како во областите на финансиските услуги, воените набавки, заштитата на животната средина и други полиња, така феноменот на клиентелистичко однесување помеѓу приватниот и јавниот сектор (regulatory capture) е реално и во фармацевтскиот свет. Ова ја прави проблематична секоја политика за „модерирање на содржини“ која е заснована на официјални насоки и упатства. Ако „правилната“ политика за аплицирање на вакцините е X, но „официјалната“ политика која на крајот во пракса се спроведува е X плус (+) непознато комерцијално влијание Y, со политиките на Јутјуб автоматски се умртвува секоја дискусија за факторот Y.
Некои од дискусиите на подкастот на Вајнстин обработуваат точно такви прашања за тоа дали е потребно да се даваат вакцини Covid-19 на деца, на бремени жени и на луѓе кои веќе имале Covid-19 и дали официјалниот став на службените лица за тие прашања е под влијание на комерцијалниот профит. На темата за тоа дали ќе има или нема да има потреба од ревакцинација со трета вакцина (која би делувала како бустер на имунитетот), треба внимателно и преку отворена дискусија да ѝ се пристапи, притоа не игнорирајќи го комерцијалниот аспект и придобивките за фармацевтските компании од една таква препорака.
Ова се легитимни прашања, што се гледа и од постапките на Светската Здравствена Организација. На 8 април 2021 година, на веб-страницата на СЗО категорично пишуваше дека: „Децата не треба да се вакцинираат “. Месец и половина подоцна, СЗО издаде ново упатство, велејќи дека вакцината Фајзер е „погодна за употреба од луѓе на возраст од 12 години и повеќе“.
СЗО беше јасна дека нејзините првични препораки за невакцинирањето на деца се засноваа на недостаток на податоци и на несигурност за тоа дали децата треба да бидат „приоритет“ при вакцинирањето (заради помалата веројатност од инфекција), а не заради дефинитивно убедување дека вакцината е небезбедна за деца. И, повторно, проверката на Политифакт на тврдењето дека СЗО „го смени својот став“ кон децата го оцени како лажно, велејќи дека СЗО само ги „ажурира“ своите упатства за децата. Сепак, целата драма околу препораката на СЗО сугерираше дека на таа тема треба да се дозволи дискусија.
Ако платформите како Јутјуб ги засноваат политиките за регулирање на слободата на говорот исклучиво согласно владините насоки, а владините агенции можат очигледно да бидат заробени од приватниот сектор (во случајов фармацевтската индустрија), тогаш постои потенцијал за креирање на нов бренд на клиентелистичко однесување – т.н. „интелектуално“ клиентелистичко однесување, каде што корпоративните пари теоретски ќе можат да купат не само регулаторни олеснувања од законодавецот, туку и да си платат аванта/аванс за да не се дозволи поширока јавна дебата и критика. Денес тоа се вакцините, и тоа прашање е навистина важно само засебе, но што ако во иднина се ограничат дискусиите за нови скапи програми за оружје или за ангажирање на финансиска компанија на која ќе ѝ се дозволи да управува со државните пари наменети за економски антикризни мерки, или за справување со здравствени ризици предизвикани од приватен загадувач?
Вајнстин верува дека клиентелистичкото однесување игра улога во неговиот случај на одредено ниво. „Единствено тоа има некаква смисла“, вели тој. Се надева дека притисокот од јавноста и од медиумите ќе ги поттикне платформите како Јутјуб да откријат точно како и со кого ги усогласуваат на политиките за говор на нивната платформа.