Северна Кореја обелодени листа од 310 нови политички слогани кои треба да го покријат секој аспект од животот кој може да се замисли: од глорификација на лидерот, преку одгледувањето печурки па до спортот и важноста на сопругата на која човек може да се потпре.
Слоганите се исковани во владеачката Работничка партија во пресрет на 70 годишнината од ослободувањето на корејскиот полуостров од јапонската доминација.
Тие се неизоставен дел од систематската и секојдневна пропагандна формула на тамошниот режим и треба да им помогнат на луѓето полесно да се снајдат во наметната матрица за Северна Кореја како правдољубива земја и систем опкружен со бројни непријатели предводени од главниот душман Америка.
"Да ја претвориме нашата земја во земја на печурки!" е еден од новите слогани од жанрот земјоделие а други теми се јакнење на воената моќ на земјата, одржување на континуитетот со покојните лидери, технологијата, образованието, уметноста и сè останато.
"Спортот се игра напаѓачки!," гласи едно ново спортско гесло.
"Постојано бевме затрупани од лавина слогани кои моравме да ги знаеме на памет, но со текот на времето, тие губат секакво значење," вели еден бегалец од Северна Кореја кој пред 14 години успеал да ја напушти земјата.
Тој вели дека слоганот со оранжериите не е нов и го памти уште од времето кога тој бил таму, меѓутоа проблем е што во земјата никој нема ни пластична фолија ниту пак стакло со кој може да ги направи посакуваните оранжерии.
Сведоци велат дека добар дел од слоганите служат за дискретни заебанции меѓу луѓето. На пример, еден слоган од 1998-ма кој вели: "Иако патот пред нас е полн со предизвици, да патуваме со радост", колективно се коментира со неофицијалниот одговор: "Нека патуваат тие со радост ама што нè тераат и нас да доаѓаме?"