Венецуела пак не е раат од Трамп

Трамп неодамна јавна ја пофали ВД претседателката Делси Родригез за кооперативност со САД и ја поздрави Венецуела како „нов пријател и партнер“. Во бекстејџ, сосема друга приказна. Американските обвинители работат на бекап план и билдаат обвинение против неа, во случај да поверува дека стварно таа ја води државата и да заборави дека Вашингтон ја држи на краток ланец. 

Администрацијата на Трамп тивко гради правен случај против привремената претседателка на Венецуела, Делси Родригез, вклучително и нацрт-кривична пријава, една од проверените алатки кои Вашингтон ги користи за притисок, во случајов врз Каракас.

Четири лица запознати со темата го потврдуваат случајот: американски федералните обвинители составиле можни обвиненија за корупција и перење пари и ѝ соопштиле на Родригез дека над неа се надвиснува ризик од кривично гонење доколку отстапи од почитување на барањата на Трамп после грабнувањето на Николас Мадуро.

Ројтерс не ги видел обвиненијата во писмена форма, но разговарал со овие лица.

Предметот против Делси се билда во канцеларијата на американскиот обвинител во Мајами и се фокусира на наводна вмешаност во перење пари од државната нафтена компанија на Венецуела, помеѓу 2021 и 2025 година.

Одделно од ова, американски претставници ѝ презентирале на Родригез список од најмалку седум поранешни високи партиски функционери, соработници и членови на нивните семејства за кои бараат или ги уапси или да ги задржи в притвор за потенцијална екстрадиција.

Едно од поинтересните имиња од списокот е 54 годишниот Алекс Сааб, еден од најблиските соработници на Мадуро и важен лик во финансиите на Чавистите. Тој веќе беше уапасен во САД но во 2023 година беше пуштен, во една транша на размена на затвореници. Сега го бараат пак, веројатно со идеја да обезбеди дополнителни елементи во кривичниот случај против Мадуро.

Делси Родригез се соочува со закани само два месеци откако ја презеде власта по молскавичниот напад на американските специјални сили кои го заробија Мадуро и го одведоа во Њујорк, на судење за наркотероризам и трговија со кокаин. 

Една искуствена мудрост на оние кои се изгореле вели:

Лошо е да ја имаш Америка за непријател, ама уште полошо е да ја имаш за пријател. 

4 март 2026 - 10:21