Многу научни студии го поврзуваат консумирањето на трифлуороaцетна киселина TFA со болести на црниот дроб и репродуктивните органи, но ниту еден европски орган за безбедност на храната досега не го истражил присуството во производи врз база на житни култури, иако таму е концентрирана повеќе отколку во водата.
Мрежата PAN Europe направила независна лабораториска анализа на 65 вообичаени прехранбени производи од жито во 16 европски земји. Траги од TFA биле откриени во 53. Просечната концентрација била 75.700 нанограми на килограм, што е 100 пати повисоко од нивото откриено во водата за пиење низ Европа во истражување спроведено лани.
Највисоката концентрација - 360.000 ng/kg - била пронајдена во житарките за појадок купени во Ирска. Леб од цело зрно купен во Белгија имал концентрација од 340.000 ng/kg, германско пченично брашно 210.000, француски багет 200.000 и кроасан 130.000, холандски меден десерт за деца имал 120.000, а италијански шпагети, 26.000 нанограми TFA на килограм.

За споредба, највисоката концентрација на TFA откриена лани во водата за пиење била 25.000 нанограми на 1 литар. Европската Унија сè уште не утврдила максимална граница на остатоци од TFA во храната. Стандардната граница е поставена на 10.000 ng/kg.
Извештајот на PAN Europe открива дека производите на база на пченица се значително поконтаминирани од оние направени од други житарки (овес, 'рж, пченка или ориз). Тие имаат просечна концентрација од 90.000 ng/kg во споредба со 12.000 ng/kg за другите. Пченицата почесто се третира со пестициди базирани на „вечни“ хемикалии PFAS (кои многу тешко се разградуваат во природата) отколку другите житарки и има поголем физиолошки капацитет да апсорбира TFA.
Резултатите ја истакнуваат потребата од итна акција. Не можеме да го изложиме населението, особено децата, на супстанци што се токсични за репродукцијата, вели Франсоа Вејерет, водач на францускиот сегмент од студијата.
PAN Europe повика на забрана за пестициди базирани на PFAS, кои сочинуваат околу 12% од активните супстанции на синтетичките пестициди одобрени во ЕУ. Како што се разградуваат, тие се претвораат во TFA и ги загадуваат почвата и водата.