
На 70 годишнината од денес владеачката јапонска Либерално-демократска партија, за лидер беше избрана 64 годишната Санае Такаичи со што се отвора патот таа да стане првата жена премиер на Јапонија.
Поранешната министерка и ТВ новинарка, а некогаш и тапанарка во хеви метал бенд, сега ќе се соочи со предизвикот да води не само партија која се бори да ја врати довербата на гласачите по скандалите и борбите со крајната десница - туку и земјата која се соочува со ниска стапка на наталитет и растечки геополитички тензии.
Родена е во префектурата Нара во 1961 година, таткото на Такаичи бил канцелариски службеник а мајка ѝ полицајка.
Како страствена тапанарка на хеви метал, ја паметат по тоа што секогаш со себе носела многу палици бидејќи ги кршела додека мавала по инструментот.
И другите нејзини занимања во младоста не навестувале ваква кариера: била голем фан на безбол екипата Ханшин Тајгерс, ја обожувала својата Тојота Супра која денес се наоѓа во музејот Нара и не се симнувала од својот мотор Кавасаки Z400GP.
Но и студирала политички науки и имала американско конгресно искуство пред да влезе во јапонската политика.
Во врвот на трговските тензии меѓу САД и Јапонија во 80-тите години, Такаичи решила да ги разбере американските перцепции за Јапонија па работела во канцеларијата на демократката Патриша Шредер, конгресменка позната по своите критики кон Јапонија.
Ѝ станало јасно колку американските политичари можат да бидат површни па ги мешаат јапонскиот, кинескиот и корејскиот јазик и кујна, а нејзината Јапонија често била ставана во група со Кина и Јужна Кореја.
„Ако Јапонија не може да се одбрани, нејзината судбина секогаш ќе биде на милост и немилост на плиткото американско размислување“, заклучила таа.
Во ЛДП е од 1996 година. Досега за пратеник е избрана десет пати и важи за еден од најгласните конзервативни гласови на партијата. Има обавувано и високи извршни функции, како министер за економска безбедност, државен министер за трговија и индустрија и држи рекорден мандат како министер за внатрешни работи и комуникации.
Оваа година ќе ја памети не само по убави работи: сопругот годинава преживеал мозочен удар но останал парализиран во десната страна на телото.
Парламентот ќе гласа за неа на 15 октомври.