Лесно е да се убие рак во лабораторија

 Нема па нема па по интернет ќе се појави некој бомбастичен наслов за чудесно откритие поврзано со лечење рак. Те нешто во јогуртот ги убива канцерогените клетки, те истото го прави супстанца од магарешки трн. Таквата вест разбирливо ќе предизвика огромна надеж но години ќе поминат и нема ништо да излезе од тоа. На дифолтно сомничавите им е најлесно тоа да го објаснат: фарма- мафијата не дозволува лекот да види бела виделина. А не (секогаш) е така. 

За почеток, важно е да се разбере основната разлика помеѓу двете фази на истражување: ин витро и ин виво, пишува Игор Берецки. Кога некој објавува дека нешто „ги убива клетките на ракот“, тоа речиси секогаш се однесува на ин витро истражување - експерименти спроведени надвор од жив организам, на клетки одгледувани во стаклени лабораториски садови. 

Во такви услови, можно е да се користат високи концентрации на супстанцата за тестирање, директно да се изложуваат таргетираните клетки и да се набљудува и мери ефектот, без влијание на метаболизмот, имунолошкиот систем и фармакокинетиката.

Она што делува како чудотворен отров за тумори во „Петриев сад“ многу често ја губи својата моќ во живо суштество - станува токсично или несварливо или едноставно неефикасно. Затоа повеќето откритија што го убиваат ракот ин витро никогаш не го минуваат ни првиот чекор кон вистинска терапија.

Такви беа некои скорешни најави за анти-канцерогените својства на екстракток на ферментирана стевија или деривати на црното вино. 

Резултатите од научните истражувања засновани на експериментирање во лабораториски услови имаат сериозен проблем кој се вика повторливост. Бројни студии последниве години покажаа дека огромното мнозинство лабораториски откритија - особено во областа на онкологијата - не можат да се репродуцираат кога други научници се обидуваат да ги повторат. Проблемот не е само во можната експериментална грешка, туку во систем кој не ја наградува повторливоста, туку напротив, новината и изненадувањето.

Научните списанија сè почесто објавуваат откритија кои нудат „револуционерни“ сознанија, а ретко оние кои потврдуваат претходно знаење - иако оние што ја докажуваат репродуктивноста се подеднакво важни (ако не и поважни) за научниот напредок во градењето доверливо знаење, она на кое можеме да се потпреме и да му веруваме.

Една голема студија наречена „Проект за репродуктивност: Биологија на ракот“ се обидела да реплицира 193 високо цитирани студии од областа на биологијата на ракот. Резултатите биле катастрофални: само 25 проценти од нив можеле да се повторат со истите резултати. Останатите исчезнале во магла од несигурност, претерување и методолошки недостатоци. Многу од овие студии користеле сомнителни статистички методи, имале премали примероци или биле дизајнирани да не тестираат вистинска хипотеза, туку да пронајдат што и да е „интересно“.

24 август 2025 - 12:37