Стејт департменот ги прекрои критериумите за човекови права

Администрацијата на Доналд Трамп ги прилагодува критериумите за човековите права врз основа на економските и политичките односи со земјите низ светот. Во извештаите за сојузниците и за трговските партнери ги брише критиките, а ги заострува за довчерашните први другари. Заклучоците губат секаква смисла кога во извештајот за Израел не е спомнато страдањето во Газа.

Кога човек би се информирал за ситуацијата во светот само од новиот Извештај за човекови права на Стејт департментот, би помислил дека Израел не води сурова војна во Газа. Во скратениот документ за Израел исфрлени се цели глави со критики и воопшто не е спомната хуманитарната криза и убиствата на повеќе од 61.000 Палестинци.

Извештајот е реструктуиран за да се подобри читливоста и повеќе не претставува обемна листа на политички пристрасни барања и тврдења, изјави портпаролката Тами Брус.

Критичарите го тврдат сосема спротивното, дека документот е изработен врз политичка основа.

Еве што се случува кога политичките агенди имаат приоритет пред фактите. Резултатот е скратен производ што повеќе личи на советско пропагандно соопштение отколку на демократски систем, вели Џош Пол, поранешен службеник во Стејт департментот.

Израел не е единствениот впечатлив пример. За Ел Салвадор е наведено дека „нема кредибилни извештаи за значителни прекршувања на човекови права“. Во претходниот извештај Стејт департментот го обвинуваше Ел Салвадор за „незаконски убиства, мачења и нехумани услови во затворите“. Разликата од лани е тоа што администрацијата на Трамп склучи договор со салвадорскиот претседател Наиб Букеле за депортирање на нелегални мигранти од САД во мега-затвор со висока безбедност во Ел Салвадор.

Државниот секретар Марко Рубио ја критикуваше претходната гарнитура во Стејт департментот, за кој оцени дека станал платформа за левичарски активизам. Тој побарал извештајот за човековите права да се преориентира кон заштита на западните вредности. Воведени се нови категории како „Живот“ и „Слобода“ и „Безбедност на личноста“.

Универзално е бришењето на сите критики кон владите поради третманот на припадници на ЛГБТКју заедницата, на кои инсистираше претходната администрација на Џо Бајден. 

Согласно новите мерила, се алармира на „ерозија на слободата на говор“ кај традиционалните сојузници, пред сè Европа. Се осудуваат кампањите против десничарските лидери, особено во Романија, Германија и Франција, како и цензурирањето на критички ставови кон имиграцијата и други либерални политики.

Руската воена инвазија врз Украина е опишана како „руско-украинска војна“.

Заострени се и критиките за Бразил, главно поради обвинението за поранешниот претседател Жаир Болсонаро за планирање државен удар. Судовите се нападнати поради „мерки со кои непропорционално ја задушуваат слободата на говор на поддржувачите на Болсонаро“. Трамп неодамна го нарече судењето „лов на вештерки“ воведе царина од 50% на за увоз на бразилски производи.

Извештајот е критичен и за Јужна Африка, чија влада е обвинета за расна дискриминација кон белите Африканери, со примери на експропријација на нивниот имот. 
 

13 август 2025 - 08:48