Кафана

Ако веќе мислите добро да си поминете, не измачувајте ги браќата и сестрите во кафаната со фалбаџиство и викање. Кафаната не сака фалбаџии и гњаватори, иако ги трпи против својата волја: на секоја будала треба да ѝ се помогне да се ослободи од своите пари, а тоа е дело богоугодно.

Тоа е навистина загрижувачко: што толку многу луѓе за себе погрешно мислат дека знаат да одат во кафана. Не знаат и после се чудат зошто лошо си поминале. Има, додуша, и такви кои добро си поминуваат во својата незграпност и простаклук , ама затоа им го загорчуваат животот на своите блиски и персоналот на кафаната: тие се оние кои во принцип се караат со келнери и готвачи, на ужас на пристојните луѓе кои имаат несреќа со такви да делат маса.

Кафаната треба да се почитува и да се познава. Ја почитуваме затоа што е лулка на демократијата, училиште за пристојност и извор на задоволство. Треба да се познава зашто кафаните се различни: секоја од нив има свои сигнали и карактеристики преку кои знаеме што да очекуваме; затоа треба трудољубиво да се посетуваат и да се учи, учи и учи. Во домаќинска (демократска) скараџиска кафана нема да го нарачате фамозниот „Шатобријан за две лица“, за кој никој не знае што е, иако често се појавува на врвот на менито. Во ред, можеби некој знае, но никогаш не сум слушнал дека некој го нарачал. Исто така, во добра и префинета кафана, каде што се негува гастрономската филозофија, нема да нарачате десетка со кромид или плескавици во кајмак. Се знае каде што се јаде и тоа треба да се учи.

Не влегувајте во кафани спремни за кавга со персоналот. На вработените им е важно гостинот да е задоволен и повторно да дојде; конкуренцијата е жестока и треба да се преживее. Покрај тоа, вработените се повешти од вас во конфронтации и ќе ви биде тешко да ги изнервирате. Кантовиот категоричен императив е особено валиден во кафана: персоналот ќе ви го направи истото (и уште полошо!) што и вие ним. Бидете љубезни, почитувајте го персоналот и тие ќе ве почитуваат. Ова не се постигнува (ниту пак простаклукот се лечи) со голем бакшиш: човечкиот однос е на многу повисока цена во кафана. Менито нека ви служи само како рамковен водич, особено ако сте тука прв пат, па треба да ја сфатите природата на таа кафана. Секогаш прашувајте го персоналот што имаат и што препорачуваат; довербата се возвраќа со доверба. Ако чиниите се ладни, а чашите топли, наместо да правите сцена, одмерете го тоа со квалитетот на храната, можеби тука се јаде многу подобро отколку што ве нервираат тие детали. Ако не ви се допаѓа кафаната, никогаш веќе не влегувајте во неа; тоа за нив е најголемата казна. Со правење сцени само се понижувате себеси без потреба. Дури и кога нешто навистина не е во ред - а се случува, чисто статистички неизбежно, дури и во подобри кафани (иако никогаш во најдобрите!) - не правете сцена од тоа: обратете му се на келнерот дискретно, со шепот и посочете го проблемот; гарантирано е дека веднаш ќе биде поправен. А вие сте ми, демек, безгрешни?

Кафаната служи луѓето да се дружат, да се релаксираат и да се забавуваат. Познатата „бечка култура“ од почетокот на 20 век се јавува како последица на станбената криза: сите биле потстанари по сопчиња па морале да се дружат во кафана. И оваа наша балканска кафанска култура не е далеку, освен што е наследен и еден пустотурски елемент на севдах. Ако веќе мислите добро да си поминете, не измачувајте ги браќата и сестрите во кафаната со фалбаџиство и викање; не ја качувајте музиката на дрво, не ја колете хармониката; тоа им прилега на сељачишта, не вам. Што и самите да мислат за тоа, кафаната не сака фалбаџии и гњаватори, иако ги трпи против својата волја: на секоја будала треба да ѝ се помогне да се ослободи од своите пари, а тоа е дело богоугодно.

И, конечно: кафаните се делат на вистински и вештачки. Вештачката кафана ќе ја препознаете по општиот кичест изглед, скапите автомобили со затемнети стакла, по масовно произведените телохранители кои блеат додека газдите ги покажуваат своите силиконски спонзоруши; на врата бараат да го оставите оружјето, а ако сте невооружени, тогаш се чудат. Сè друго се вистински кафани. Клучната разлика е во тоа што вештачките кафани немаат душа; тие имаат сè друго, освен душа. Вистинските кафани имаат душа, дури и ако имаат само две јадења тој ден, млако пиво и љубезен персонал. Дали бев јасен?

Милош Васиќ

 

18 септември 2021 - 20:34