За оние кои стојат во ред за потпис од писател

Дискретните херои

Вчера на социјалните мрежи забележавме фотографија на долг ред, којшто наводно ги претставува луѓето кои во Белград со часови чекале за потпис од нобеловецот Марио Варгас Љоса. „Нема шанси", си рековме, мислејќи дека тоа е уште една од оние сатирични вести. 

Ама испадна дека било стварно. Мухарем Баздуљ го анализира овој феномен во денешно „Време", во насловот асоцирајќи на оној на последниот роман на Љоса.

***
Постојат фрази кои главно се користат во пежоративен контекст, како „молчалива маса" или „тивко мнозинство". Постојат и времиња кога таквиот контекст за наведените фрази има смисла. Постојат, меѓутоа и поинакви времиња, како оние за кои говори Иво Андриќ во своето славно писмо до Боривое Јевтиќ, каде вели дека тишината ја гледа како своја должност, затоа што така може „барем за еден глас" да го смали хаосот и вревата околу себе. Сега, изгледа, се токму такви времиња.

Во опкружувањето на таблоидната врева и бес, во светот на хистерични објави по ѕидови и постови, оние кои молчат се дискретни херои; тие, имено, барем за еден глас го смалуваат хаосот и вревата на сите околу себе. Тоа, меѓутоа, не значи дека тие се повлекле во илегала, во внатрешна емиграција. На нив треба да се смета, како на црни дупки (без какви и да е метафорични конотации). Како што сликата на свемирот не е верна без свеста за црни дупки, така реалната слика на општеството е незамислива без земање во предвид на гравитацијата на „тивкото мнозинство".

За ова размислував во вторник 23 јуни, околу шест и пол вечерта, симнувајќи се полека низ Ресавска улица. Таа вечер Марио Варгас Љоса во книжарницата Делфи потпишуваше негови книги, а река читатели се слеваше сè од Немањина до Студентскиот културен центар. Стотици луѓе, главно млади, со книги во рацете, чекаа Љоса да им потпише. Неговата популарност меѓу читателите во Србија не е политичка. Тој во деведесетите не се залагал за српското прашање или за некаков српски став, напротив. Неговата популарност не е ни естрадна, иако е добитник на Нобеловата награда. Луѓето од Ресавска се слика на една трогателна доверба во духот и во културата. Има во таа сцена нешто што потсетува на легенди од старите времиња, на гостувањето на Јосиф Бродски, на пример, во блиското Југословенско драмско позориште од крајот на осумдесетите. Во претходниот четврт век се промени речиси сè, една држава исчезна, создадени се шест нови, но тој нормален народ кој насекаде од Ајдовишчина до Битола само кап весеља тражи, само малку, малку дух, се укажа сега во Ресавска, како што некој друг пат можеби ќе се укаже некаде на друго место. И иако Љоса е светска ѕвезда каде и да се појави - од Гетеборг до Сиднеј - ваквиот дочек и за него не е нешто рутински и вообичаено.

Ги впишувам овие зборови додека Сонцето заоѓа, додека се спушта Ивањска ноќ. Има еден стих кој Љоса добро го знае, стихот кој вели дека само на таа ноќ „улиците памтат дека некогаш биле полиња". Во таква ноќ Љоса во Белград е архетипски раскажувач кој зборува, оној кој со неговите зборови им помогнал на стотици и илјадници свои тукашни читатели да го разбркаат мракот, исто како што тоа го правеле зборовите на епските химни во дамнешното детство на човештвото.

Автор: Мухарем Баздуљ

25 јуни 2015 - 13:15