1. Фотографирање на цел концерт
Направи една фотографија. Направи и пет ако сакаш. Ама немој баш 177. Со тоа што го фотографираш целиот концерт не стигнуваш да уживаш во него, а со апаратот/камерата/мобилниот им го попречуваш погледот на сите кои се зад тебе.
2. Проверување мејл, Фејсбук и Твитер на секои пет минути
Ако не си хирург или пожарникар, сè друго може да почека. Нели? Уживај во моментот. Си платил да гледаш концерт.
3. Постојано зборување со пријателите
Можеби песната не ти се допаѓа. Можеби целиот концерт ти е досаден. Можеби си дошол не по своја волја. Но, побогу... Немој да зборуваш со пријателите цело време. Нема ништо полошо од тоа двајца да дрндаат цел концерт, а сите во нивна близина да слушаат разговор кој не ги интересира. Најдобро е да си одите во кафана после концерт и фино да си се изназборите.
4. Врескање на името на песната која сакаш да ја чуеш
Секој има песна која сака да ја чуе и заради која дошол на концерт. И сето тоа е во ред, но немој цел концерт да го извикуваш името на таа песна, особено не право во уво на оној пред тебе. На 99 посто концерти сет листите се однапред буквално закатанчени. Ако тоа е песна од пред 15 години, а изведувачот во меѓувреме издал седум албуми, преболи ја. Нема да ја свират само затоа што тебе ти е до неа.
5. Викање „Freebird"
Ова е честа појава на концертите во САД, кога фановите заради пијанство, досада или што и да е друго го извикуваат името на песната на групата Lynard Skynyrd "Freebird". Освен од чиста досада, ова се прави и заради нервирање на музичарите на бината. Пренесено на нашето поднебје тоа би било како на концерт на Архангел да викате „Обои мееее!".
6. Туркање напред
Луѓето кои се до бината чесно ги заслужиле своите места со тоа што пред тебе стигнале на концерт. Можеби и спиеле во шатор пред салата/стадионот за да бидат први. Токму затоа, колку и да се буткаш, никој нема да те пушти да минеш скроз напред. Ако сакаш да бидеш до самата бина, дојди порано!
7. Да се напиеш толку за да повраќаш или да поливаш со пиво други луѓе
Нема ништо поодвратно кога некој ќе поврати на концерт, а нема ништо побезобразно од тоа кога некој намерно ќе фрли во вис полна чаша.
8. Кукање после концерт што не си ја чул омилената песна
Немој на другите да им го расипуваш само затоа што не си го чул она што си сакал. Пушти ги луѓето на мира да ги средат своите впечатоци. Не пропаднал концертот само затоа што не е отсвирена твојата омилена песна.
9. Снимање на целиот концерт на ајфон или на мобилен
Дали Јутјуб те плаќа што ќе го снимаш целиот концерт и ќе го поставиш истата вечер? Пушти ги претставниците на медиумите да се бават со снимање на концертот, а ти уживај и не им пречи на другите додека ги слушаат омилените песни. Никогаш ни една снимка од концерт којa не е направенa со професионална опрема не излегла ко што треба.
10. Викање: „Седи доле!" на луѓето кои стојат пред тебе
Ако видиш дека целата сала стои, ништо нема да ти значи да го натераш само оној во редот пред твојот да седне. Нема ништо полошо отколку кога цела песна ќе помине во прекинување и заканување од страна на оние од задните редови, кои ги мрзи да станат. Луѓето дошле да уживаат, и често добрите песни ги понесуваат и сакаат да играат. Не се сите концерти мирни за да можат да се ислушаат седејќи.