Три години заедно. И малку ни е.

На 6-ти март 2012-та ви пишавме "Добро ве најдовмe" и ве запознавме со нашиот устав кој важи и денес. Една година подоцна споделивме какво ни е чувството. Лани пренесовме што беше најчитано а на третиот роденден на нашиот сајт, своите мисли и чувства ги сумира Илина Букбокс.

Oд столчето на коешто обично седам и пишувам кога навраќам во офф.нет погледот паѓа врз напната раскрсница. На неа предност на минување имаат оние најагресивните, а секој обид за лежерност, и секоја потенцијална занесеност заради аголот под кој паѓаат зраците во 9:38 наутро, се казнува со гласна и масовна опомена од „учесниците во сообраќајот". Метафората би требало да биде дека и во животот е така. Ама не - во животот некогаш е полошо.

Обично се вели дека најтешки се оние професии во кои „се работи со луѓе". На прв пиксел правењето сајт и пишувањето на него изгледа како занимање ослободено од ризикот некој да ти кашла во фаца, да ти спие на час или на тезга да ти пребира од јаболките, и на тој начин професионално да те нервира. Ти си тука, безбедно, иако благо исчашено сместен пред монитор поткачен на три тома собрани дела од Толстој, сите други се некаде „отаде", и секој од вас си ја брка својата работа. Двата света се допираат како (најмалку) двајца возрасни во консензуален секс, и притоа не само што никој од тој однос не излегува оштетен, туку на уште недопушена посткоитална цигара веќе мечтае за следна средба.

Н'цки.

Интернет, онаков каков што гледам низ моето место до прозорецот на офф.нет, не е место за хедонизам, па дури ни за основна разбирачка. Од вревата на „јавното мислење" е тешко воопшто да се мисли. Од шумата никови не може да се види човекот кој ти коментира, и на кого му се обраќаш. „Држете му го вниманието на читателот", вели Маргарет Атвуд во своите совети до колегите-писатели, „но ако не знаете кој е читателот, тоа е како да гаѓате риби со ластегарка во матно". Притоа, ова го кажува госпоѓа која има 75 години и Букер, ама не води сајт.

Нашиот пак денес полни три години. Отприлика си ги знаеме „рибите", а богами и тие веќе добро нè знаат нас. Си дозволуваме да сме лежерни дури и кога нервозните легнале на свирките, и да заминеме „отаде" кога „тука" не ни е доволно добро. Чувствуваме кога сме разбрани, кога недоразбрани, а кога намерно хушкани. Знаеме и да згрешиме, но тоа е така, нели, „кога се работи со луѓе". А ние сакаме да работиме со, и за луѓе.

Еве, наближува пладне, свежо е и сонцето срамежливо ѕирка зад облаците, но тендата на офф.нет покажува вечни 26 степени. Кај Филип се забележуваат првите знаци на блага нервоза заради глад. Душан опасно залегнува и на новото, уште нескршено столче. Јурук денес е на пилешко, што значи дека со него мора кротко и без нагли движења. Небојша се нервира затоа што некој од другата страна на телефонот не знае што е тоа „апдејт". Влатко со повремени прошетки низ редакција и замислен израз на лицето одржува ред и дисциплина. На Трендо од под бирото му ѕиркаат испружените нозе со зелените патики, што значи дека е тука, и дека сè е добро. „Друже, стај едно турско".

Три години, и малку ни е.

Илина

6 март 2015 - 12:05