И да имате деца, и бескрајно да го препорачувате истото, треба да бидете внимателни, затоа што вашиот став е резултат на искуство кое толку ве има променето, што веќе не можете за ова прашање да мислите од позиција на некој кој ги нема. Накратко, по тоа прашање не можете да бидете рационални.
Овој избор, дали да се има деца или не, не е некој кој историски сме имале можност многу-многу да го тестираме. Оттаму ваквата дебата, за „рационалноста" на одлуката, не само што е спротивна на сите биолошки пориви, туку е и луксуз кој не може секој да си го дозволи, велат од таборот „дечари“. Од друга страна, и покрај ужасот на верниците, алармирањето на конзервативците и паниката на продавачите на бебешка опрема, анти-наталистичкиот став, кој наводно се темели на рационални аргументи, во општествените науки е прилично силен.
Во 2008 беше објавена контроверзната „Подобро да не се биде: штетата од тоа да се родиш" на Дејвид Бенатар, во која се изнесуваат филозофски аргументи за тоа дека ако никогаш не се родиш (или не создадеш друго човечко суштество) ти нема ни да знаеш што би можел да добиеш или да загубиш, па оттаму на ниту еден начин не би можел да бидеш оштетен или, во случајот со имањето деца, да оштетиш некој друг. На спротивната точка од дебатата се книги како „Себични причини да имаш повеќе деца: зошто тоа да се биде супер родител е помалку работа а повеќе забава отколку што мислиш" на Брајан Каплан, а некаде на средина „Зошто да се имаат деца" на Џесика Валенти, која се обидува да ги анализира и радостите и маките на истото.
Но сега во текст со наслов „Што не може да очекува Мери дур очекува" од Лори Ен Пол од Универзитетот Северна Каролина, објавен во списанието Res Philosophica, авторката тврди дека целото размислување пред имањето дете е всушност џабе, затоа што вие не можете да знаете како е да се има сопствено дете пред навистина да го имате - бездетниот донесувач на одлуки не е во позиција да ги проценува опциите, затоа што му фали искуството на другата страна.
Пол притоа не вели дека имањето дете е прекрасно - она што таа го вели е дека вие едноставно не можете да знаете какво е искуството сè додека самите не го доживеете, без оглед дали тоа е позитивно негативно, или нешто помеѓу. Во оваа смисла имањето дете е „епистемолошко-трансформативно искуство", кое ве става во позиција да добиете пристап до знаење кое не сте го имале претходно. И до кое никако не можете да стигнете со рационални средства.
„Не велам дека е исправно или погрешно да се има дете. Ниту пак дека луѓето не треба да бидат среќни со нивниот избор. Можете да бидете и среќни со дете, и благословено бездетни. Но ако сте среќни тогаш не си честитајте себеси на мудриот избор, туку едноставно бидете благодарни на вашата среќа. Изборот да се има деца вклучува слепа надеж, а не внимателно калибриран рационален избор", вели Пол.
Со други зборови, слободно „изберете живот" ако така сакате, само немојте да тврдите дека во тоа ве убедиле со рационални аргументи. Затоа што такви едноставно не може да има.