"Хрватска е речиси етнички чиста, Косово е хендикепирана држава, Босна на секои избори покажува дека не сака да живее заедно, проблемите во Македонија само се продлабочија, раскинот меѓу Србија и Црна Гора остана крајно енигматичен. Се чини само на Словенија ѝ е подобро од порано", пишува Јан Оберг за Центарот за истражувања и глобализации.
Тој констатира дека таа уникатна држава се распаднала одвнатре, но тоа не ја намалува одговорноста на НАТО/Запад и нивната улога на миротворци.
Ова се неговите поенти:
- Таканаречената меѓународната заедница која се самопрогласи за аналитичар на конфликтот и миротворец, без претходно образование или тренинг, веднаш по нејзиното воено учество во Студената војна, доведе до мизерни резултати на терен.
- Поврзано со претходното: аматерската идеја дека конфликтите можат да бидат разбрани и третирани како однос помеѓу две страни, едната лоша а другата добра. Лошите момци беа Србите, секако, а Слободан Милошевиќ стана новиот „Хитлер на Европа", откако Запад го искористи како сојузник.
- Во текот на кризата Русија беше маргинализирана и понижена. Но, во ерата на Советскиот Сојуз никој не се осмелуваше да ја пипне територијата на Југославија. Сега Западот можеше да прави што сака, а Русија не можеше да стори ништо за да се спротивстави.
- Беше спроведена насилна хуманитарна интервенција, која убеди многумина, како Вацлав Хавел, бројни движења за мир и екологија и промотори на човекови права, дека воената интервенција е ОК само доколку изречените намери звучат фино. Сега знаеме дека тоа не е така.
- Агендата на ОН за наметнување мир водеше до апсурдноста на бомбардирањето на Босна, каде беа стационирани мировниците на ОН.
- Меѓународното право беше игнорирано или местено така за да одговара на целите, како на пример признавањето на Словенија и на Хрватска, или бомбардирањето чија цел беше да се создаде ново независно Косово без каков и да е мандат на ОН.
- Бомбардирањето за да се создаде нова држава заради стратешки западни цели и добивање нови бази (Бондстил) во Косово беше иновација. Тоа е главната причина зошто сега Запад нема каков и да е кредибилитет кога ја учи Русија или кој и да е што е тоа меѓународно право. Анектирањето на Крим барем не беше направен насилно туку преку манипулирање на референдум.
- Погенерално - создавање нови држави од постоечки, што не беше можно без крваво сценарио, со неколку исклучоци како одделувањето на Норвешка од Шведска во 1905, на Сингапур од Малезија во 1965 (по само 2 години) и разделувањето на Чехословачка. Во случајот со Југославија тоа беше направено со крајно предвидливи крвави резултати. Ниту една влада не ги послуша предупредувањата на експертите.
- Игнорирањето на ОН и сето она што претставува оваа организација од страна на земјите од НАТО особено беше значајно во случајот на Југославија: нејасни мандати, огромни мандати со непропорционални ресурси, прекинување на мисии кога тие беа блиску до успехот (како UNTAES во источна Славонија и УНПРЕДЕП во Македонија) и барањето ОН да заштити шест безбедни зони во Босна (една во Сребреница) при што беа доделени 1200 наместо бараните 33.000 мировници. Освен тоа, за време на масакрот, ОН беше практично банкрот.
- Нееднаков однос кон човековите права. Човековите и малцинските права на Србите - кои беа малцинство во повеќето други републики кои станаа нови држави и во целост сочинуваа 42% од населението - никогаш не беа почитувани во споредба со правата на другите.
- Санкции - „мекиот" инструмент кој беше користен со контрапродуктивни ефекти на голем број места направи луѓето да бидат зависни од мафијашка економија на шверц, и ја уништи економијата на Македонија. Зошто? Затоа што Македонија не смееше да тргува со Србија, нејзиниот најголем пазар, а притоа не доби компензација од оние кои ги наметнаа санкциите.
- Масовната, систематска употреба на пропаганда на сите страни преку маркетинг корпорации, платени лаги, спинувани стории - при што медиумите генерално не беа свесни за оваа манипулација и не развија филтер против неа. Секако, Југославија беше во екстремно тежок конфликт, па сепак е неразбирливо како медиумите разбираа сè помалку и помалку со текот на времето.
- Конфликтот беше одржуван многу подолго отколку што тој би траел преку достава на оружје на сите вклучени страни (наспроти ембарго на оружје). Западот се претстави себеси како миротворец, обезбеди преговори, хуманитарна помош итн. но со другата рака ја продолжи војната преку достава на оружје и програми за обука.
- Токму во Југославија се случи најголемиот гаф на меѓународната политика на ЕУ: првиот голем чекор на обединета Германија беше таа да се замеша во поделбата на Југославија и да ги признае Словенија и Хрватска - при што последната за време на режимот на Павелиќ беше сојузник на нацистите во Втората светска војна - како независни држави, правејќи војната во Босна да стане неизбежна.
Воведувањето на специјални политизирани судови за специјални војни: Руанда и Југославија, вториот во Хаг.
- Уништување на разноликоста. Уништување на една посебна земја и почеток на уништување на позицијата на неутралност и неврзаност (Шведска, Австрија и Финска) која го намали диверзитетот во светот и отвори пат за правото на експанзија на НАТО до границите со Русија.
- Југославија треба да биде запаметена и по една добра работа: дека ненасилството е секогаш посилно на долги стази. Ниту дипломатската изолација, ниту 10-годишните санкции, ниту маргинализацијата и 78-те денови безмилосно бомбардирање не го симнаа Слободан Милошевиќ. Тоа го сторија ненасилните масовни протести од 5. октомври 2000.
Накратко - Западна ароганција комбинирана со немушт и аматерски кризан менаџмент или можеби намерна и цинична деструкција на еднo од најинтересните и најшаренолики општества на светот. Вистина, различните етнички групи сами ги започнаа проблемите но помагачите направија разводот да е полош отколку што требаше да биде.
"Сè додека не извлечеме поука од Југославија, ќе бидеме сведоци на падот на Западот", пишува социологот Оберг.