- Во среда, трети декември, од 18 часот, авторот Сашо Алушевски ќе постави изложба од циклусот „На Мајката земја“ – шума, во мобилната-монтажна галерија, во Паркот на франкофонијата во Скопје.
- Преку суптилна деконструкција на лисја, земја, камен и вода, сликите ја расплетуваат врската меѓу визуелното и физичкото. Материјата се претвора во знак, а фотографијата — иако фиксирана — упорно одбива да биде статична. Таа сведочи за својата ограниченост, нудејќи простор каде што претставата и реалноста се разидуваат.
- Во реализацијата се користени природни материјали и повеќе аналогни фотографски техники: цијанотипија, Ван Дајк, гумотипија и гумомаслена техника, колодиум, мордансаж и лумен процеси.
- Пред премиерите и пошироката дистрибуција на Нолановата „Одисеја“, Харперс Базар објавува водич за сите 108 додворувачи на Пенелопа кои упорно чекаат таа да избере друг сопруг, во отсуство на нејзиниот Одисеј. Не дека и Хомер им доделил на сите кој знае какво внимание, но добро е да се знаат барем неколкумина за подобро следење на дејството.
- Антиној е главниот иницијатор за заговорот против Одисеј и неговиот син Телемах. Тој е оној кој предлага да се убие Телемах за да се осигура дека престолот на Итака ќе остане слободен. Груб и арогантен, тој ја претставува аристократијата во надолен пад, раководел од алчност а не од вистинска љубов. Го игра Роберт Патисон.
- Евримах е благородник од Итака кој се претставува како харизматичен и шармантен, но е дволичен, учествувајќи во заговорот со Антиној да го убие Телемах и спиејќи со слугинката на Пенелопа за да добива информации.
- Полибиј е многу помудриот татко на Евримах, еден од последните кои ќе преживеат во конечната битка. Ќе биде убиен од свињарот Евмај.
Останатите на линкот.
- Новозеландскиот актер Сем Нил, кој светската публика најмногу го памети по улогите во филмовите „Паркот Јура“ и „Пијано“, почина во Сиднеј на 78-годишна возраст. Во објава на неговите профили на социјалните мрежи, семејството наведе дека смртта била „ненадејна и неочекувана“. Нил во 2023 година откри дека му бил дијагностициран ангиоимунобластичен Т-клеточен лимфом, редок и агресивен вид на не-Хочкинов лимфом. По лекувањето со терапија со генетски изменети Т-клетки, во април оваа година соопшти дека повеќе нема траги од болеста.
- Во текот на својата богата кариера Сем Нил важеше за еден од најразновидните и најпрепознатливите актери од Нов Зеланд. Со леснотија настапуваше и во авторски филмови и во големи холивудски продукции. Најголема светска слава стекна со улогата во „Паркот Јура“, а во филмот „Пијано“ го толкуваше сопругот на ликот што го играше Холи Хантер.
- Тој припаѓаше на генерацијата актери и режисери кои стекнаа меѓународна афирмација по подемот на австралиската кинематографија кон крајот на седумдесеттите години од минатиот век. Иако целиот свет го доживуваше како новозеландски актер, неговите корени се во Северна Ирска. Роден е во 1947 година во градот Ома, во округот Тајрон, каде што неговиот татко, офицер во Ирската гарда и по потекло Новозеланѓанец, бил распореден на служба.
(фото: EpaImages)