Во доцните 1970-ти, сретнав една од водечките пропагандисти на Хитлер, Лени Рифенштал, чии епски филмови ги глорифицираа нацистите. Бидна така да престојуваме во иста куќичка во Кенија, таа во својство на фотограф, во бегство од судбата што ги беше снашла другите пријатели на Фирерот.
Ми тврдеше дека „патриотските пораки“ од нејзините филмови не биле зависни од „наредби озгора“ туку од нешто што таа го нарече „понизна празнина“ кај германската јавност.
„Дали тоа ја вклучува и либералната, образувана буржоазија?“, ја прашав. „Да, особено нив.“
Мислам на ова зјапајќи во пропагандата што денес ги јаде западните општества.
Ма да, ова не е Германија од 1930-тите. Ние живееме во информатички општества. Ние сме глобалисти. Ние никогаш не сме биле повисоко свесни, поблиски, подобро поврзани.
Но, дали?
Или ние навистина живееме медиумско општество во кое перењето мозоци е систематско и неуморно, a перцепцијата се штима согласно потребите и лагите на државната и корпоративната моќ?
САД доминира со медиумскиот простор. Освен една, сите топ десет светски медиумски компании се вкотвени во Северна Америка. Интернетот и социјалните медиуми - Гугл, Твитер, Фејсбук - се главно во американска сопственост и под американска контрола.
Само додека сум јас жив, САД сруши или се обиде да сруши повеќе од 50 влади, главно демократски. Замеша прсти во демократски избори во 30 земји. Фрлаше бомби врз луѓе од 30 држави, главно сиромашни и беспомошни. Се обиде да убие лидери во 50 суверени земји. Се бореше да придуши слободарски движења во 20 земји.
Размерот и степенот на овие колежи во голема мера остана премолчан и непријавен а виновниците продолжуваат да владеат со англо-американскиот политички живот.
Во годините пред да премине во 2008, драматургот Харолд Пинтер згрме два вонредни говори.
„Американската надворешна политика најдобро се дефинира вака: Сакаш да си играме или да те тепам? Толку просто и толку сирово. Интересно е што ова проаѓа како подмачкано. Имаат убедливи структури за дезинформирање и реторики а се работи за обична збирштина лаги. Многу успешна пропаганда. Ги имаат парите, ја имаат технологијата, имаат сè што им треба за нешто да помине, и тоа поминува“.
Примајќи ја Нобеловата награда за литература, Пинтер изјави:
„Злосторствата на САД беа систематски, постојани и немилосрдни, а сепак малку луѓе говореа за тоа. Мора да ѝ се признае на Америка. Навежба една клинички прецизна манипулација со моќта, маскирајќи ја како сила на универзалното добро. Тоа е брилијантен, дури и итар перформанс на ефикасна хипноза“.
Пинтер ми беше пријател и можеби последниот голем политички зналац - и тоа пред контраштвото да стане фенси. Го прашав дали е тоа е онаа „понизна празнина“ на Лени Рифенштал.
„Тоа е тоа“ ми одговори. „Перењето мозоци е толку напреднато што програмирано голтаме купишта лаги. Доколку пропагандата ја оставиме непрепознаена, ќе ја прифатиме како нормална и ќе ѝ веруваме“.
Во нашите системи на корпоративна демократија, војната е економска неизбежност, совршениот брак на јавната дремка и приватниот капитал: социјализам за сиромашните, капитализам за богатите. Денот после 11 септември се вивнаа акциите на воената индустрија. На повидок беше уште повеќе крвопролевање, што е одлично за бизнисот.
Денес, исплатливите војни имаат свој бренд. Ги знаеме како „трајни војни“: Авганистан, Палестина, Ирак, Либија, Јемен и сега Украина. И сите темелени на збирштина лаги.
Ирак е најнеславниот пример, со оружје за масовно уништување кое го немаше. Уништувањето на Либија од страна на НАТО во 2011 беше оправдано со непосточеки масакр во Бенгази. Авганистан беше обична одмазда за 11 септември, што немаше врска со луѓето од Авганистан.
Денес вестите од Авганистан се колку Талибанците се лоши, а не дека Бајден украде 7 милијарди долари од банкарските резерви што сите ги истошти. Јавното НПР радио посвети два часа на Авганистан, од нив само 30 секунди дека таму има и гладни.
На јунскиот самиот во Мадрид, НАТО кој е контролиран од САД, усвои стратешки документ што ја милитаризира Европа и ги зголемува изгледите за војна со Русија и Кина. Документот налага “мрежно војување со непријател кој има нуклеарен капацитет“.
Илити, нуклеарна војна.
Таму стои и: „Проширувањето на НАТО беше историски успех.“
Читам и не ми се верува.
Единица мерка за овој “историски успех“ е војната во Украина, од каде, патем, вестите и не се некакви вести, туку еднострани литании. Сум известувал од разни боишта и никогаш не сум видел толку гола пропаганда.
Во февруари, Русија изврши инвазија врз Украина како одговор на речиси осумгодишното убивање и злосторничка деструкција на Донбас.
Во 2014, САД спонзорираа пуч во Киев, како би се решиле од тогашната украинска демократски избрана влада, и претседателот што беше пријателски расположен кон Русите, инсталирајќи наследник за кој отворено рекоа дека е нивен човек.
Последниве години, Американски „дефендер“ проектили беа инсталирани во источна Европа, Полска, Словенија, Чешка, свртени кон Русија, придружени со лажни гаранции извезени во ракопис сличен на „ветувањето“ на Џемс Бејкер до Горбачов во февруари 1990 дека НАТО не би се ширел отаде Германија.
Украина е линија на фронтот. НАТО стигна токму до она место преку кое упадна Хитлеровата армија во 1941, правејќи зулум од 23 милиони жртви во Советскиот Сојуз.
Последниот декември, Русија предложи сеопфатен безбедносен план за Европа. Планот беше одбиен, исмеван или потиснат од западните медиуми. Кој да чита конкретни предлози, точка по точка? На 24 февруари, украинскиот претседател Владимир Зеленски се закани дека ќе земе да развива нуклеарно оружје, доколку Америка не ја вооружи и заштити Украина.
Тоа ја прели чашата.
Истиот ден, Русија, презеде, според западните медиуми, непредизвикан акт на насилство. Историјата, лагите, мировните предлози, компромисните решенија за Донбас од Минск одеднаш станаа небитни.
На 25 април, американскиот секретар за одбрана, генералот Лојд Остин, слета во Киев и потврди дека целта на Америка е да се уништи Руската Федерација - зборот што го искористи беше „ослаби“. Америка си го доби она што си го бараше, преку платен и вооружен а потрошлив пион.
Речиси ништо од ова не ѝ беше објаснето на западната публика.
За рускиот упад во Украина нема прошка. Тоа е злосторство за да се покори суверена земја. Тука нема ама.
Ама.
Кога почна актуелната војна во Украина и кој прв удри? Обединетите Нации сведочат: меѓу 2014 и оваа година, 14.000 луѓе се убиени во граѓанската војна во Донбас под режимот на Киев. Мноштво напади беа дело на нео-нацисти.
Погледнете ја репортажа на на репортерскиот ветеран Џејмс Мејтс, кој заедно со цивилите во Мариупол се најде гранатиран од украинскиот нео-нацистички Азов батаљон.
Истиот месец, десетици луѓе што говорат руски беа изгорени живи или задушени во синдикална зграда во Одеса, сардисана од фашисти, приврзаници на наци и антисемитски фанатик, Степан Бандера. Њујорк Тајмс спомнатите љубезно ги нарече „националисти“.
„Историска мисија на нашата нација во овој критичен момент“, рече Андреј Билецки, основач на батаљонот Азов, „е да ги води белите раси во светот во последната крстоносна војна за нивен опстанок, крстоносна војна против нижите луѓе водени од Семитите“.
Од февруари, самонаречените “надгледувачи на вести“ (кампања основана од Американци и Британци со јасни врски со соодветните влади) жолчно ја бранеа апсурдната теза дека украински нео-нацисти и не постојат.
„Ретуширање“, термин што асоцира на Сталиновите чистки, стана алатка во доминантното новинарство. За помалку од декада, 'добрата' Кина беше пребоена во 'лоша' Кина.
Голем дел од ваквата пропаганда извира од САД и се шири преку проксија и „тинк-тенкови“, како што е озлогласениот„Австралиски институт за стратешка политика“, гласот на воената индустрија и од ревносни новинари како Питер Харчер од „Сиднеј Морнинг Хералд“, кој оние кои шират кинеско влијание ги етикетираше како стаорци и молци по што логично повика на „истребување на штетниците“.
Вестите за Кина на Запад речиси во целост се однесуваат на закана од Пекинг. Не се спомнуваат 400-те воени бази што ја опколуваат Кина, ѓердан од Австралија до Пацификот и југоисточна Азија, Јапонија и Кореја. Јапонскиот остров Окинава и корејскиот остров Џеџу се полни оружје вперено кон индустриското срце на Кина.
Пентагон тоа и официјално го вика „јамка“.
Палестина во медиумите е спомнувана по лошо откако знам за себе. Би-Би-Си би рекле, постои „конфликт“ на „два наратива“. Како да не зборуваме за најдолгата и најбрутална воена окупација во поновата историја.
Погодените во Јемен едвај дека постојат. Додека Саудијците ги истураат своите американски касетни бомби со логистика од британските советници, над половина милион деца се соочуваат со глад.
Перењето мозоци преку игнорирање е одамна познато. Масакрот наречен Прва светска војна беше занемарен од известувачите кои за својата послушност беа одликувани како витези а подоцна сè си признаа во мемоарите. Во 1917, уредникот на Гардијан му се доверил на премиерот: „Кога луѓето стварно би ја дознале вистината, војната веќе утре би била запрена, само што тие не знаат и не можат да знаат“.
Одбивањето да се согледаат луѓе и настани онака како што се гледаат во други земји е медиумскиот вирус на западот, штетен колку ковид. Го гледаме светот низ еднонасочно огледало, во кое „ние“ сме морални и добродушни, а „тие“ не се. Тоа е длабоко империјалистички поглед.
Историјата како што ја знаат во Кина и Русија ретко се објаснува и уште поретко се сфаќа. Владимир Путин е Адолф Хитлер. Си Џинпинг е Фу Манчу. За епските достигнувања, како искоренувањето на екстремното сиромаштво во Кина, едвај да се знае. Колку е ова перверзно и јадно.
Кога ќе си дозволиме да сфатиме? Обучување новинари во стандардниот калап не е одговорот. Ниту одговор е магичноста на дигитални алатки, кои се само средство, а не цел, слично како машина за пишување или линотипска машина.
Случајот Џулијан Асанж шокира повеќе од сè. Кога тој и „Викиликс“ освојуваа читателски срца и престижни награди за Гардијан, Њујорк Тајмс и други самобендисани 'медиуми што се важат‘, тој беше славен.
Кога мрачната држава се побуни и побара уништување на хард-дисковите и неговиот лик, тој беше прогласен за непријател на народот.
Хилари Клинтон се запраша „Не може ли бе некако да го скинеме типов од дрон?“
Црната кампања за Џулијан Асанж - извештај на ОН ја крсти ‘мобинг‘ – драматично го спушти нивото на либералниот печат.
Ние ги знаеме кои се. Кога мислам на нив, мислам на колаборатори, квинслиншки новинари.
Кога ќе се дигнат правите новинари? Инспиративен самиздат вирее на интернетот: Роберт Пери, Сивата зона на Макс Блументал, MintPress News, Media Lens, Declassified UK, Alborada, Electronic Intifada, WSWS, ZNet, ICH, Counter Punch, Independent Australia, писанијата на Крис Хеџис, Патрик Лоренс, Џонатан Кук, Дајана Џонстон....
Кога писателите ќе се дигнат, како во 1930-ите против фашизмот? Кога филмаџиите ќе се дигнат, кога сатиричарите ќе се дигнат, како генерациите пред нив?
82 години се макаме во илузија дека само ние сме праведни. Не е ли време оние кои се задолжени да го држат курсот исправен а сметката чиста да ја разобличат пропагандата? Итноста е поголема од кога и да било порано.