Сè почна кога Бен Јагода, професор по новинарство и англиски на Универзитетот во Делавер, кој пишува за Њујорк Тајмс, на неговиот блог објави текст во кој ја опишува употребата на запирки од страна на Њујоркер како „луда". Тогаш од Њујоркер одговорија дека си ја имаат забележано оваа маана и претходно, обелоденувајќи ја нивната „методологија" за справување со вишокот знаци - во канцеларија чуваат еден голем „соларник" за запирки, и имаат назначено одговорен за него, кој треба да води сметка запирките во текстовите да не се „истураат" случајно и масовно, туку дозирано и со усул.
Но соларникот на Њујоркер сепак на моменти зачинувал без мерка, вели Јагода, давајќи пример од некој текст каде бројот на запирките е непотребно голем: „Ли Атвотер, пред да почине, од рак, на мозок, во 1991., изрази жалење...". Според него, „ниту една друга публикација не би ставила запирки после 'почине' и 'рак', освен ако не мисли дека Атвoтер умрел повеќе пати и од повеќе причини".
Од Њујоркер сепак не му останаа должни на критиките, и почнаа да опишуваат случаи каде запирката, иако на прв поглед изгледа како непотребна, навистина врши работа. Така, реченицата „I invited my boss, her nephew, and my acupuncturist to the party", иако на македонски е јасна („Ја поканив мојата шефица, нејзиниот внук, и мојот акупунктурист на забавата") на англиски без запирката пред 'и' може да создаде забуна дека акупунктуристот е всушност внук на шефицата.
Се сеќаваме дека сме нашиле на примери од наши пишувани медиуми каде сме се чуделе околу местоположбата и логиката на некоја запирка, ама за жал истите не сме ги регистрирале. Ако знаете некој пратете (chitajte@gmail.com), да фаќаме сеир.