Како мастите ни станаа непријател?

Здравствена пресуда за мрсното изгледа лесна за донесување: ем има доста калории ем има холестерол кој ти прави проблеми со срцето па умираш порано отколку што си се надевал. Но, дали е баш така?

Цела булумента влади, доктори и разноразни душегрижници за човековото здравје со години го штимаат човечкото население на рефренот дека троа повеќе сланина или путер ќе те закопа млад. 

Но, што ако грешат?

Со тоа прашање се занимава  книгата "Големото дебело изненадување" на Нина Теихолц во која успехот на крстоносната војна против мастите се поврзува со фактот дека прехрамбенаа индустрија едвај дочекала такво нешто, заради профит. 

Да, од срцеви заболувања умираат најмногу луѓе, и во САД и во светот. Но прашање е дали

заситените масти навистина се главниот виновник. Теихолц ја транжира оваа дилема на стотина страници, повикувајќи се на истражувања, историски околности и извадоци од академски расправи по што решава и во насловот да тврди дека месото, сирењето и путерот се здрава храна.

Ансел Кис е еден од првоборците кои успеваат да ги демонизираат мастите. Неговите објаснувања за опасностите од заситените масти бргу добиваат популарност за по некое време да влезат и во првиот сет упатства за исхрана на американската влада.

Теихолц тврди дека секое подетално испитување на темава не го потврдува ваквиот страв. Таа укажува на низа дупки во клучните научни студии на кои се базираат современите препораки за избегнување месо, путер и млечни производи - студијата од Фраминген, истражувањето во 7 земји (меѓу кои и Југославија) и други на кои педантно им наоѓа дузина методолошки грешки и замолчени резултати што ги прават препораките извадени од нив многу несигурни.

А индустријата едвај чекаше такво нешто за да ги замени мастите од животинско потекло со многу поефтините растителни масти. Денес и тие се заменуваат со уште поздрави, тоест поефтини полинезаситени масти кои особено на високи температури можат да бидат опасни.

Но, индустријата ќарот од нискокалорична храна не го виде само во поефтините суровини туку во експлозијата на нови артикли. Бидејќи, кога човек јаде помалку мрсно, гладен е за нешто друго па при рака му се безброј нискокалорични крекери, колачиња и други стрвости. Епилог: денес Американцвите конзумираат 25 проценти повеќе јаглехидрати отколку во 1971-та година.

Делото на Теихолц, како и претходните кои се сомневаа во догмите против мастите (на пример Гери Таубес) ја зголемуваат евиденцијата дека можеби друг е виновникот.

Инсулинот.

А нивото на инсулин се зголемува кога се конзумираат - јаглехидрати.

Теихолц верува дека денес проблем не е науката туку дека непожелноста на мастите тера по инерција од стекнатите навики на низа генерации убедени во заблуди.

2 јуни 2014 - 14:19