Сипаниците предизвикуваат долготрајна штета на имунолошкиот систем на еден детски организам, оставајќи ги децата кои ги прележале ранливи за други инфекции, долго време откако иницијалната болест ќе помине.
Две студии на невакцинирани деца од ортодоксно протестантска заедница во Холандија утврдиле дека сипаниците ја имаат избришано меморијата на имунолошкиот систем за претходните болести, враќајќи ја нивната имунолошка кондиција во бебешка фаза. Истовремено, го оставаат детскиот организам далеку послабо опремен за борба со нови инфекции.
Сипаниците елиминирале меѓу 11% и 73% од заштитните анти-тела кај овие деца.
За да се справи со дотогаш непознати инфекции, имунолошкиот систем постојано пумпа широк спектар на имунолошки клетки; илјадници различни варијации, секој со малку поинакви рецептори, што колективно ги прави способни да го препознаат речиси секој патоген.
„Колку поширок спектар такви клетки имаме, толку подобро за нас. После сипаници, организмот останува со многу редуциран спектар,“ објаснува Велислава Петрова од Кембриџ.
Исто така, имунолошкиот систем произведува и долготрајни мемориски клетки кои постојано се во циркулација и му овозможуваат на телото брзо да препознае и елиминира инфекција со која претходно се сретнал.
Тој мемориски систем е сериозно деградиран после прележување сипаници бидејќи таквите клетки биваат десеткувани па се доаѓа до состојба која научниците ја нарекуваат имунолошка амнезија.
На глобално ниво, сипаниците зафаќаат околу 7 милиони луѓе и предизвикуваат преку 100.000 смртни случаи. Намалените стапки на вакцинираност во Британија имаат доведено до пораст на случаите на сипаници од 300% во однос на 2018 година. 95% покриеност на населението се смета за неопходна за да се избегнат епидемиски размери.