При владината ревизија за откривање организиран криминал било откриено дека социјалната помош ја злоупотребувале близу 4.000 лица за кои полицијата веќе имала информации дека се поврзани со банди.
Вкупниот износ на надоместоците за боледување или поддршка за невработени стекнати со измами е проценет на 3,6 милијарди круни (327,5 милиони долари). Таа сума им обезбедува стабилен приход за бандите, дури и кога уличниот криминал не им оди добро.
Истрага на порталот Самнит укажува на значителна презастапеност на имигранти меѓу лицата осомничени дека им помагаат на бандите. Голем дел од случаите се лица што имаат документи за намалена работна способност, а вклучени се во криминални активности и патуваат во странство. Еден маж, за кој е наведено дека е неспособен за работа и прима социјална помош, бил забележан како вежба во теретана. Друг, со дијагностицирана ограничена работна способност, веќе е соочен со 30 пресуди за кривични дела.
Многумина членови на банди кои немаат легални приходи ги користат законските дупки за да бараат социјална поддршка за децата. Во 2024 година на повеќе од 3.600 луѓе со минимален или без законски приход им биле исплатени вкупно 10,7 милиони евра за да ги прехранат семејствата.
Министерката за социјално осигурување Ана Тење го оцени извештајот како „зачудувачки“ и инсистира дека јавните средства се наменети за помош на луѓе на кои навистина им се потребни.
Ако владата навистина сака да се пресмета со бандите, прво мора да го запре финансирањето на криминалните мрежи преку измами со средства што ги издвојуваат даночните обврзници, истакна Тење.
Полицијата проценува дека околу 67.500 луѓе во Шведска се поврзани со криминално здружување, а 17.500 се сметаат за активни членови на банди.