Престојот на Хантер Бајден во Украина е една од најупорните флеки во инаку речиси чистото досие на претседателскиот кандидат на демократите, а најновата вест од Њујорк Пост е најсериозното дополнување што аферата го имала во последно време.
Сепак, неколку часа по објавувањето на веста со сета нејзина тежина, двете најголеми социјални мрежи решаваат дека текстот има сериозни новинарски пропусти околу точноста на информациите, нивните извори и потврда на истите.
Портпаролот на Фејсбук објави дека сторијата на Њујорк Пост „се квалификува за да биде проверена од партнерите на Фејсбук за проверка на факти“, и до тогаш нејзиното ширење на платформата ќе биде ограничено.
Додека од Твитер во исто време објаснуваат дека немаат потврда за точноста и потеклото на информациите во текстот, но и дека истиот ќе биде забранет затоа што наведува дека се базира на хакиран материјал, а ширење на информации добиени преку хакирање не е дозволено според правилата на мрежата.
По ова конзервативците ги обвинија Фејсбук и Твитер дека се мешаат во изборите заштитувајќи го Бајден преку цензурирање на сторијата, а еден од уредниците на Њујорк Пост на Твитер напиша „ова е информациски пуч од големите технолошки компании. Ова е дигитална граѓанска војна“.
Традиционално конзервативниот Њујорк Пост веста ја добива од Руди Џулијани, еден од најблиските соработници на Трамп. Џулијани им предава серија мејлови во кои украинскиот бизнисмен Вадим Пожарскји му заблагодарува на Хантер што го запознал со татко му, тогаш потпретседател на САД. Неколку месеци по состанокот за кој Вадим му се заблагодарува на Хантер, Џо Бајден успешно врши притисок врз украинските власти да го отпуштат обвинителот што го истражува бизнисот на Пожарскји.
Во тоа време Хантер како консултант е на платен список на нафтената компанија на Пожарскји, по цена од 50.000 долари месечно. Хантер овие пари ги заработува и покрај тоа што нема никакво искуство во нафтената индустрија.
Мејловите се извадени од оштетен лаптоп оставен во компјутерски сервис во Делавер. На лаптопот има налепница од Бо Бајден фондацијата, а човекот кој го остава лаптопот никогаш не се враќа по него.
Сопственикот на сервисот по некое време го проверува хард-дискот на лаптопот, каде освен мејловите наоѓа и видео од Хантер Бајден како пуши крак додека има секс.
Џо и неговата кампања отфрлаат дека кога било се сретнале со шефот на Хантер.