Под веста пак за неговата смрт во српските медиуми некој напишал: „Сите сме посиромашни кога ќе замине некој кој ни помага да се објасниме себеси". И навистина, Ковач беше еден од гласовите на совеста, никогаш ведар но секогаш правичен, кој ги детектираше и бескомпромисно се фаќаше во костец со балканските митови, национализми, лажни патриотизми, колективни лудила и книжевни суети.
Херцеговец по раѓање, „доен од муслиманка" како што изјавил самиот, тој во времето на Милошевиќ политички шиканиран заминува од Белград и живее во родниот град на сопругата, Ровињ, каде и почина вчера, 19 август, на 75 години. Освен по романите наградени со бројни југословенски, бившојугословенски и меѓународни награди, автор е и на 47 сценарија за ТВ драми и филмови меѓу кои и „Окупација во 26 слики" и „Падот на Италија". Пишувал критички политички есеи за Ферал Трибјун и белградско Време.
Одбравме текст на Миљенко Јерговиќ посветен на неговиот колега, кој одлично го опишува и неговиот лик, и неговото дело. Тие личат на оној непознат човек во црно, износено одело, кој на почеток од речиси секој роман или расказ на Ковач му приоѓаат на главниот лик, по што приказната може да почне.
Приватниот писател
На станицата на теснолинејката, некаде сред Попово поле, во Конавле или на железничката станица на она гратче со стариот хотел Платан, среде летната жега, момче со картонски ковчег, или со дрвен војнички сандак, чека воз за Мостар. Околу него изгубени континенталци на пат кон морето, селанец кој тргнал кон големиот град нешто да сработи и железничар во предебела сина униформа. Во тој миг на момчето му приоѓа постар, слаб човек во црно, како погребничко одело, и му се претставува - ти не ме знаеш, но јас тебе те знам од кога си прооден, името ми е Габриел! - и му соопштува вест која на момчето ќе му го одреди животот.
Ете, така почнуваат приказните и романите на Мирко Ковач, но не нужно на страниците на книгите, туку во имагинацијата на неговите читатели. Во неа, значи, во читателската имагинација, седи Ковач и пишува, секогаш една и иста приказна, хиперреалистична, полна детали, препознатливи лица и вистински имиња, во која на главниот јунак од нигде никаде му се обраќа некој непознат човек, што потоа поттикнува дејство во различни насоки и низа таинствени настани, кои мирисаат на пропаст и на катаклизма, но од таа јанѕа на крај нема ништо, туку како што приказната води кон финалето настаните се враќаат во некои нормални текови, во секојдневието и во документаристичката веродостојност. Ковач го читам од летото 1981, почнав кога имав петнаесет години, ете тоа значи трае повеќе од триесет години, и исто толку долго ништо во неговите раскази или романи се нема изменето. Момчето - во прво лице, секако - стои пред камената зграда со името на станицата, кое е напишано на латинично и кирилично писмо, и чека воз за Мостар, а потоа понатаму, за Белград, кога му пристапува непознатиот, во црно износено, но уредно одело...
Во Конавле, на старата траса, од која одамна се искорнати пругите, но камените ѕидови уште добро се држат, во Требиње, околу пазарот и пред хотелот, во Белград, особено во мрачните и запуштени улички и дворчиња на Дорќол во глуво доба на ноќта и денот, во Загреб, на Зрињевац и околу хотелот Палас, пред затворените антикварници и на аголот на Месничка и Илица, е впишана атмосферата на прозата на Ковач, некои пасажи од неговите приказни и романи, или како во белградскиот случај, цели романи. Ниеден наш современ писател, уште од Ранко Маринковиќ во Киклоп, не се има толку интензивно врежано во амбиентот или во кулисите на своето раскажување. Ковачевите раскази и романи никаде не можат да се одвиваат вон местата на кои тој ги има лоцирано. Ковачевиот Белград, како и Ковачевото Требиње, не можат да бидат ниту еден друг град, ниту едно друго место на светот. Она што неговата проза ја чини толку хипнотички привлечна и поинаква е впечатокот кој се создава во читателот дека сè можело да биде само таму кадешто е, и дека сето тоа се случило веродостојно, како во полициски извештај. Тука и лагите мораат да бидат веродостојни.
Вистинските писатели се разликуваат од лажните по тоа што не можеме да се подбиваме или да го имитираме стилот на лажниот писател. Нема да ја препознаеме неговата реченица меѓу сите други реченици. Лажните писатели, ако сакаат да се истакнат или да се разликуваат, инсистираат на оротографски ексцентричности, текстот не го кршат во делови (со тоа ја досегнуваат оригиналноста и политичката смелост на Томас Бернхард или издвоеноста и постомодернистичката откаченост на Давид Албахари), многу пцујат или воопшто не, раскажуваат исклучиво во дијалози или без ниту еден дијалог, прават сто чуда, но единствено важно останува тоа дека вистинскиот писател се препознава по реченицата, а лажниот по граматиката. Реченицата која ја напишал Мирко Ковач, како и онаа на Крлежа, Анриќ, Пекиќ, читателот лесно ќе ја препознае меѓу сите други реченици и залудно ќе му биде на писателот да се скрие, маскира или да се преоблекува во персони кои се поинакви или различни. Лажните се кријат лесно, додека на вистинските им е залуден сиот нивен талент, кога не им е дадено да пишуваат како што пишуваат другите, колективно и уредно.
Во еден момент Мирко Ковач го менуваше јазикот на својата книжевност. Моќната, интензивна белградска екавица со која пишуваше до 1991 и со која го започна својот голем белградски роман „Кристални решетки", ја замени со хрватската ијекавица, убавиот и многу класичен јазик, во чијашто елеганција се огледува цела една главно ненапишана и непостоечка хрватска книжевност. Никаде, ни во најубавите сништа српскиот не се разликува толку длабоко и толку целосно од српскиот, во атмосфера, смисла и содржина, како што Ковачевиот српски се разликува од хрватскиот на Ковач. Во обата јазици тоа е истиот писател, но тој не пишува исто, па и денес ми се случува кога одлучувам да го читам Ковач (а тоа е обично на лето) да се премислувам помеѓу српските и хрватските верзии на истата книга, и потоа според своето внатрешно чувство да се одлучам, некогаш за едното, некогаш за другото.
Да се убијат и на глава да се стават сите наши јазичари, лингвисти и дрндала нема да успеат да ги одделат ниту хрватскиот во српскиот ниту обратно, онака како што совршено и со леснотија големиот писател ги дели и поделува. За жал, во тоа е тешко или невозможно човек да го следи неговиот пример, затоа што тогаш би морал да го има неговиот јазичен и раскажувачки талент. А тоа не иде, тоа не се втерува во главата и срцето, како што се втеруваат глоговиот колец и патриотизмот.
Веќе десетина години Сеид Сердаревиќ и Фрактура ги објавуваат Одбраните дела на Мирко Ковач, полека и систематично, книга по книга, онака како што писателот ги уредува или ги пишува. Никој на тоа не обраќа големо внимание, ниту пак некој од тоа има особена корист, освен читателите на Ковач, каде и да ги има. Една година пред војната сараевска Светлост, под уредништво на Иван Ловреновиќ, објави негови дела во шест книги. Веќе тогаш, со навршени педесет и две години, Мирко Ковач од гледиштето на една имагинарна, во голема мерка приватна историја на книжевноста беше довршен писател со заокружен опус. Во дваесет и неколкуте години колку што минаа од тогаш, тој опус растеше кон внатре, помалку кон надвор. Растеше, значи, во неговата заокруженост, па од една српска книжевност се прелеваше во уште неколку од нив: првенствено во хрватската, а потоа и во босанскохерцеговската и црногорската. Но наместо на тој начин книжевниот случај на Ковач да стане интернационален и меѓународен, тој во сè поголема мерка стануваше - приватен. Денес, Ковач е писател кого неговите читатели со никого не го делат, писател кој со инсистирање на своето изместување, а потоа и на повеќекратните припадности, од перспектива на националните книжевности стана - ничиј. Хрватите во своите пригодничарски набројувања и составувања на некакви национални репрезентации многу често не се сеќаваат на него. Србите кои, сосема исправно, не се одрекуваа од него, исто така не се сеќаваат. Ниту кај едните, ниту кај другите во односот кон Ковач нема ништо тенденциозно. Не го забораваат затоа што тоа би го сакале, затоа што тој е неспоредливо поголем од големото мнозинство од она живо со кое тие книжевности располагаат како со пешадија и артилерија на националната култура, и колку и едните и другите инаку страдаат од манијакална потреба да бидат поголеми отколку што се, па би требало на Ковач прв да се сетаат, го забораваат затоа што тој некако не личи на нив, им се измолкнува на класификациите, не успеваат до него да се искачат. И сето тоа е добро, и со секој ден, сè подобро и се посоодветно. Иво Андриќ да не го стрефеше Нобеловата, и него некаде би го загубиле како Ковач.
Приватни се само оние добри и големи писатели чии книги се читаат по повеќе пати, за преку нив да се проверува сопственото созревање, стареење или подетинување, тоа се оние писатели чии книги веќе толку добро ги знаеме што и не ги дочитуваме, ги почнуваме од средина или од крајот, ги вадиме од полица само за да прочитаме две-три случајни реченици...Приватни се оние писатели кои ги читаме кога не знаеме што би читале, чии книги ги земаме кога одиме на пат, кога ни е страв да рескираме. Мирко Ковач е еден од едвај неколкуте мои приватни писатели, да речеме со Андриќ и Крлежа, кон кои не сум го сменил односот откако ги читам. Другите писатели се менуваат, растат или се смалуваат, а приватните писатели се тука како константи и некој вид животни упоришта. Тие се како накнадно стекнати внатрешни органи, она по што се разликуваме од другите луѓе.
Автор: Миљенко Јерговиќ