
ПАЛЕСТИНА
Додека јаваме на одмаздата
Елен си игра со исушен папрат
Додека јаваме на одмаздатаВо тишината на пустината
Опстојува коренот
Во тишината на пустинатаКако одвлечена вода
Смртта кон изгрев нè носи
Како одвлечена вода.
Оваа песна прв пат е објавена во весникот Нова Македонија на 26 септември 1982. Нејзин автор е Панде Манојлов, новинар и поет од Битола, роден 1948 во с. Породин.
Иако објавил речиси 30 збирки поезија, тој во светски рамки, особено во арапскиот свет, ќе стане познат токму по своите стихови посветени на трагичната судбина на палестинскиот народ, кои во 2019, една година пред смртта на авторот, беа собрани во книгата „Песни од Палестина“. Манојлов никогаш не го посетил Блискиот Исток, но се дружел со студенти од Палестина при своето студирање право на загрепскиот универзитет.
Горните стихови биле емитувани во август 2006 на радио Монте Карло, во емисија за арапски јазик. Абас Абделкарим, некогашен студент по социологија на скопскиот универзитет, ја превел веднаш штом била објавена во Нова Македонија и ја објавил во тиражниот весник „Ел Талија“ во Кувајт. Потоа таа е преобјавувана во голем број весници и антологии, станувајќи неформална химна на палестинскиот народ.
Но требало да поминат дури 25 години пред тој лично да се запознае со Манојлов и да го извести за нешто за што oвој воопшто не бил свесен - дека неговата песна доживеала популарност во целиот арапски свет и дека има добиено почесен прекар „Ел-аки“ или Братот од Балканот.
„Ја објавив песната, тагувајќи за Палестина и Палестинците, притоа споделувајќи ја нивната судбина со онаа на моите предци доселени во селото Породин од егeјскиот дел на Македонија. Знаев дека со објавувањето на песната, со нејзиното oбзнанување не е повеќе моја, не е дел од листовите од моите тетратки полни со песни, туку дека е и на други, дека ќе се најде некој кој ќе ја прочита“, изјавил тој во 2014.
Приказната за Панде Манојлов е содржана во збирката есеи „Суспендирана итност“ на историчарката Ивана Хаџиевска (Букбокс интервју со неа тука), на која ѝ благодариме за испратената песна која до сега не можеше да се најде онлајн. Тиражот од збирката е исцрпен, па можеби сега е време за нејзино препечатување.
Уште песни за Палестина од Манојлов тука