
Ивана е млада историчарка, која дипломирала а потоа и магистрирала со највисоки оценки на Институтот за историја на Филозофскиот факултет. Изгледа ренесансно фрагилно, нежно, но кога дискутира, на округли маси или на промоции, мислата ѝ сече како бричот на битолскио бербер Зури. Таква, прецизна и ангажирана, е нејзината прва збирка есеи, во кои таа зборува за крајот на историјата, политиките на сеќавањето, „заградените“ знаења и невротичните хероини. Со неа неодамна пиевме кафе и бевме на кино во Битола, но таа ниту еднаш не спомна дека неодамна ѝ излегла книга. На нејзините бројни квалитети оттаму ја додаваме и скромноста.
Насловот, „Суспендирана итност“, е навидум парадоксален, дури и ироничен. Итноста имплицира неодложност, а суспензијата истата ја отстранува и ја укинува, барем привремено. Што е она што е според тебе во моментов „итно“, не во реторичка туку во реална смисла, кој е тој што истото го релативизира и поради какви причини?
Сакав да пронајдам начин да го опишам општото чувство на нашата ера, на периодот во кој живееме, а тоа е чувство на стеснување на политичкиот простор, стеснување на хоризонтите на политички можното, неможност за одлучна акција против хегемонските сили. Повеќе современи мислители често наоѓаат врска помеѓу економските и воените кризи, масовното политичко враќање на крајната десница во „цивилизираните“ светски центри, со неможноста за замислување иднини. Некако и самата збирка есеи е пронижена токму со атмосферата на суспнезијата на итноста, на безгласниот врисок и празниот говор кој некако ги одбележува декадите во 21 век. Крајно интересно ми беше да земам различни настани и историски процеси од 20 и 21 век и да ги разгледувам низ нивните идеолошки симптоми во општествата. Така на пример, на крајот на Студената војна беше прогласен пораз на комунизмот и победа на либералната демократија и капиталистичките општества. Но, како што напредувавме во 21 век, се испоставува дека глобалниот капитализам сè помалку има потреба од либерална демократија, а повеќе од испразнета ритуализирана форма на демократија. На пример, официјалниот дискурс во ЕУ земјите изобилува со пораки за заштита на човечките права, борба против фашизмот и тоталитаризмот, но од друга страна овие пораки се разоткриваат често како празни флоскули, и со тоа го разградуваат идеолошкото јадро на идејата за Европа: наместо принципиелни универзални политики, се јакнат двојните стандарди, а на крајот, ваквото однесување на современите елити ги јакне и антидемократските струи и групи.
Одлично, скоро фројдовско разоткривање на контрадикцијата во која се наоѓаат европските елити можеше да се чуе на овогодинешниот Евросонг. Во поздравната песна (“Made in Switzerland”), низ која наводно требаше да се прикаже неутралноста и неполитичноста на музичниот настан (кој де факто е дел од културната дипломатија и простр за платформирање мека моќ), можеше да се чуе следниот стих: „Euro-vison is non-political strictly neutral. Doesn't matter if you are good or brutal.” (Евровизијата е со намери неполитични, стриктно неутрални. Не е важно дали сте добри или брутални.“). Навидум невиниот стих, одлично го објаснува нашиот моментум: живееме во свет во кој ако припаѓате во хегемонската градина, сосоема е неважно дали учествувате во перење на рацете низ културни политики (washing crimes).
Сепак, конкретна пресвртница во периодот на „суспендирана итност“, која предизвика солидно политичко прегрупирање на граѓаните низ светот во нови силни сојузи, е кулминацијата на опресијата кон палестинскиот народ. Во таа смисла, еден феномен кој ќе ја исцртува историјата на 21 век е токму првиот пренос на геноцид во живо на социјалните медиуми (live streamed genocide), врз населението во Газа. И покрај сè, делува неверојатно молкот од напредните европски општества, но и од страна на владите на земји како Македонија, кои и самите поминале тежок пат кон самоопределувањето и признавањето. Сметам дека станува збор за универзална пресвртница, бидејќи упадот на овие хроники од пеколот (потресни сцени од смрт, страдање, прегладнување на деца и цело население), во строго контролираниот идеолошки простор на комфорен привид го читам како аларм што сака да нè разбуди од либералниот сон за победа на демократијата по падот на Берлинскиот ѕид. И токму затоа мислам дека интелектуалците, па и историчарите треба критички да го објаснуваат периодот во кој живееме, да не бидат заглавени во конформистичкиот филозофски дремеж, каде доминира фразата дека „некои нешта се многу комплицирани за да се објаснат“, и дека треба „да се земат предвид двете страни“ - и онаа која има технолошки најнапредни оружја за колонизација, и онаа на голоракото опресирано население. Историјата покажала дека во вакви состојби се изнедруваат моќни идеи кои ги менуваат работите, кои водат кон настани што го делат времето на пред и потоа.
Иако по образование си историчарка, повеќе би те нарекла полимат-ка, барем што се однесува до општествените и хуманистички науки. Типичниот пристап на класичната историја одамна се има покажано како непродуктивен, предвидлив и просто здодевен. Зошто кај нас не се изнедрија истражувања и дела кои би се занимавале со животот на „обичните“ луѓе во дадени историски околности, на тој начин пристапувајќи и на историјата „од долу“, давајќи ѝ човечки лик и прикажувајќи ја во повеќе димензии (културолошки, економски, антрополошки)? Во светот ваквите научно-популарни дела, па и фикции базирани на историски документи се бестселери, а често не се ни напишани од историчари.
Историските науки кај нас не би рекла дека се непродуктивни, бидејќи сепак домашната историографија изобилува со интересни и квалитетни дела. Конкретно кон прашањето, зад нас имаме и добри примери на лонгитудинални проекти посебно од областа на мемоарската литература, кои токму се интересирале за животот на „обичните“ луѓе во околностите на Втората светска воја. Од 1970те години релевантните институции, архиви и институти, во соработка со општествените организации за негување на антифашистичките традиции спроведувале теренско мапирање, запишување, заштита и истражување на мемоарската граѓа. Станувало збор за интервјуирање на мажи и жени кои учествувале фронтовски или позадински во партизанскиот отпор по македонските села и градови. Интервјуата денес во најголем дел се чуваат во архивските фондови на локалните ограноци на Сојузот на борците од НОБ, а во нив се наоѓаат човечки искуства низ кои најдетално може да се реконструираат мрежите на цивилно учество отпорот, односот кон храната и зимската облека во дадените услови, меѓучовечките конфликти и пронаоѓањето на сопствен глас во селската средина… Во 1980те, проектот резултирал со волуменозни изданија кои сепак се фокусирале најмногу на политичката историја, па преостанатиот потенцијал на овие материјали е неистражен и предизвик за новите генерации.
Но, од друга страна, може да се каже дека пристапите, особено во институционалната историографија, се петрифицирани во нивниот однос кон теоријата, и таа тенденција трае од 1990те години до денес. Можеби причината извира од површната идеја дека историчарот работи и пишува од некоја над-идеолошка, изворна, нулта позиција. Можеби причинителот е уште попрост - лошите кадровски политики и високо изразениот непотизам токму во академските средини - чија последица е негувањето медиокритетство, наместо стамена работна и истражувачка етика.
Во моето искуство, можам да заклучам дека влијателните идеи кои успеваат да го одврзат едукативниот и епистемолошкиот потенцијал на историската нарација, главно се реализираат во рамки на вон-институционални и социјално-ангажирани колективи. Примери кои можам да ги издвојам се истражувачкиот проект Архиви на невидливите (nevidliviarhivi.mk) и Испреплетени истории - и двата на Центарот за истражување на национализмот и културата - Скопје. Тука припаѓа и алтернативниот феминистички водич Нашиот пат: 25 женски приказни од историјата (Тииит!Инк - Скопје). Лупењето на санитарниот слој над биографиите на етаблирани или заборавени историски личности создава ангажирана јавност која не дозволува сеќавањата за отпор и промена на заедниците на подобро да заспијат прелесно.
Една од темите на кои често се навраќаш во есеите се последиците од преодот на капиталистичка продукција и далекусежното влијание на овие процеси врз различните аспекти на животот, но и врз пристапот до знаење. Дали со повторливото обвинување на капитализмот за сè (исто како што го обвинуваме патријархатот во родова смисла) всушност правиме лоша услуга ја отапуваме сензитивноста на концепт кој е нормализиран, да, често како зол, но кој од друга страна се доживува како нужен и непобедлив? Дали имало момент во историјата кога капитализмот можел да има човечки лик и дали таа шанса е засекогаш загубена?
Јас пак би тргнала од спротивниот правец: дека токму во поширокиот јавен дискурс не постои обвинување на капитализмот за сè, и дополнително, дека успешноста на капиталистичката идеологија е што се претставува како строго економска, неполитичка, и не-идеолошка позиција. Еве да ги погледнеме политиките на сеќавање во Европа. Додека низ Источна Европа постојат бројни музеи на жртвите на комунизмот, јас не познавам некоја западноевропска држава да изградила музеј во кој ќе се соочува директно со своето колонијално и империјалистичко минато. Првите концентрациони логори биле дел од колонијалната историја на Европа, спроведувани токму во релација на зајакнување на внатрешните капиталистички односи на државите кои го колонизирале светот заради ресурси и робовска сила (на пример озлогласеното владеење на белгискиот крал Леополд во Конго, или геноцидот на Германија врз Харо и Нама народите во 1909 година). Затоа, можеби добра појдовна точка е да се тргне од релациониот пристап, кој се прашува какви се капиталистичките односи помеѓу луѓето, помеѓу различни групи, какви се последиците на хиперпродукцијата и конзумеризмот во однос на животната средина… отколку да се пристапува низ дефиниции за кој систем е добар или зол, победлив или непобедлив, има добри или лоши поединци/претставници…
Во еден од есеите правиш многу интересна паралела помеѓу дијалектниот термин „пљачки“ (предмети, артефакти) и „пљачка“ во смисла на грабеж, корупција или отуѓување. Примерот на којшто се осврнуваш е Музеј во Данска, полн со „пљачки“ од колонијалното минато на оваа земја. Бидејќи работиш во Државниот архив во Битола, какви се твоите созданија за степенот до кој нашата историја е „опљачкана“ во смисла на документи и артефакти - дали воопшто можеме да претпоставиме кои парчиња од сложувалката на нашата приказна недостасуваат и кој ни ги украл?
Секако дека постојат потемелни истражувања кои специјално се занимаваат за односот кон културното наследство во различни периоди. Но, можеби уште поважен индикатор за колонијалните односи е имаголошкиот. Горан Стефановски раскажува една анегдота, кога го прашал својот англиски колега, која му е првата асоцијација за луѓето од неговиот дел од светот, колегата му одговорил како од пушка: „Коњокрадци со златни заби“. Значи главното прашање е за тоа кој го поседува наративот, кој ја поседува моќта и ресусрсите да ја раскажува сопствената приказна, а притоа таа да му биде признаена како легитимна, без да се најде доле во имаголошката таблица на „цивилизација“ наспроти „примитивизам“. И тоа е прашање од сферата на колонијалните односи. Всушност, денес многу конфликти почиваат во судирите во областа на историското паметење, пресметувањето која ја поседува „историската вистина“, за вистински и лажни нации, за библиски народи итн… додека пак политиките на сеќавање знаат да ги мобилизираат луѓето многу повеќе отколку класичните партии. Доста од есеите во збирката се инспирирани токму од овие прашања.
Илина, Букбокс
(фото: Кети Талевска)