
Во 1845 на пазарот во САД се појавил нов неделен весник на само четири страници под наслов „Сајентифик Американ“. Во текот на раните години, акцентот бил ставан на извештаи за тоа што се случува во американската Канцеларија за патенти, односно кои биле најновите изуми. Сепак, за да биде читлив и за поширока публика, весникот пренесувал и хумористични инциденти и анегдоти поврзани со тогаш познати научници. Во ноември 1921 станал месечник, за којшто пишувале и Ајнштајн и Тесла, како и 150 добитници на Нобелова награда во различни области.
Секако, историјата на списанието ја рефлектира еволуцијата на науката - нешта кои биле визионерски предвидени, но и такви кои денес звучат како пародии. Еве извадоци од некои од текстовите:
Знаете што?: вашиот телефон ќе може да праќа слики
6 април 1895
„Кога телефонот му бил претставен на светот и човечкиот глас можел да се пренесе на големи далечини, се појавила визија за комбинирање на природните сили за истото да се прави и со човечкиот вид. Сега може да се каже дека во иднина ќе биде можно преку жица и со помош на електрична струја да се пренесуваат и да се печатат копии на фотографии кои се на голема далечина од оригиналот. Електроартографот, именуван од неговиот изумител, г-дин Н. С. Амштуц, ќе пренесува копии од слики и ќе ги репродуцира на другиот крај на жицата, подготвени за печатење“.
Јапонските марамчиња ги изненадија Американците
19 јуни 1869
„Јапонски официјални лица кои неодамна ја посетија земјава употребуваа шамивчиња направено од хартија наместо од платно, секогаш кога требаше да отстранат пот од челата или да ги издуваат носевите. Веднаш после тоа ги фрлаа. Претпоставуваме дека целото јапонско царство е покриено со парчиња хартија разнесени од ветерот. Хартијата на шамивчињата е многу деликатна, мека но сепак многу јака“.
Хипонозата може да го излечи лажењето, но не и недостатокот од амбиција
24 февруари 1900
„Доктор Џон Д. Квакенбос од Универзитетот во Колумбија, долго бил ангажиран во изведување експерименти со хипнотичка сугестија, која корегира морални застранувања и дефекти како клептоманија, алкохолизам и детски навики за лажење и поткраднување. Докторот вели: 'Се обидувам да дознаам што повеќе за слабостите на мојот пациент. За секого морам да најдам некаква амбиција, некоја силна свесна тенденција кон која можам да апелирам и да ја искористам преку сугестија, односно преку несвесен импулс, за да ја контролирам моралната слабост, поттикнувајќи го пациентот да ја следи својата амбиција со чесни средства. Секако, ако мојот пациент нема никаква амбиција освен на пример да игра добро билијард, тој не може да биде излечен од алкохолизам, бидејќи неговата највисока амбиција е опасно поврзана со порокот“.
Мали „пуфки“ воздух можат да предизвикаат невроза кај мачки
март 1950
„Невротични аберации можат да бидат предизвикани кога шемите на однесување создаваат конфликт, кога потекнуваат од некомпатибилни потреби или кога не можат да коегзистираат во време и простор. Неврози кај мачки се поттикнати експериментално најпрвин со обучување на животните да добиваат храна со манипулирање на прекинувач кој депонира сува храна во кутија. Но кога мачката се навикнува на оваа процедура, се пушта еден безопасен бран на ветар, кој ја заплиснува по носот кога таа го крева капакот на кутијата за храна. Мачките тогаш почнаа да покажуваат невротична неодлучност кога пристапуваа на прекинувачот. Некои почнаа и генерално да се однесуваат така, па дури и да не бидат веќе заинтересирани за глувци“.
Види и: Нова храна за забави - колачи со кислород; Вонземјаните би можеле да имаат 1000 очи и др.