Њујорк пост е еден од најстарите и најголеми американски весници. Основан е во 1801 година и само три весници денес се потиражни од него. Уште кога беше купен од медиумскиот могул Руперт Мурдок во 1976 година, Њујорк пост е познат по својот десничарски сензационализам но тоа е сепак медиум со вистински репортери и уредници кои знаат што е журнализам.
Пред околу недела дена, објавуваат жежок материјал кој го компромитира демократскиот претседател Џо Бајден со материјали за неговиот проблематичен син (дроги, бркање од морнарица, мување со вдовицата на брат му а правење дете на друга жена и такви работи). Имено, наспроти грандиозната неквалификуваност на Хантер, тој добива место во одбор на украинската енергетска компанија Буризма со плата од 50.000 долари месечно. Дабоме, во тоа време татко му е потпретседател на САД и еден од најактивните политичари кои се мешаат во украинските внатрешни политики, меѓу другото барајќи сменa на јавниoт обвинител Виктор Шокин кој имал отворено истрага против Буризма.
Она што следи е проблемот. Фејсбук и Твитер решаваат да го спречат ширењето на таа вест, вториве најбезобразно, дури и во приватните пораки меѓу луѓето. Гигантите оцениле дека содржината е „потенцијално опасна“ и дека прво требало да ја проверат нивните „факт - чекери“. Попат го блокираат не само авторот на статијата туку и акаунтот на прес-секретарката на Белата куќа по што дури и на ЦЕО-то на Твитер, Џек Дорси, му станува незгодно во какви лоши води загазиле.
Само ден подоцна, по огромниот гнев во јавноста и опасноста случајот да се најде пред Сенатот, компанијата изразува жалење, ветува дека ќе ја смени ваквата политика а нивниот главен правник вели дека вакви потези „МОЖАТ да водат кон блокирање на новинарски содржини“ (небаре веќе не се случи токму тоа).
Очекувано, интервенцијата на двете социјални платформи доведе до Страјсенд ефектот (да, по Барбара) кој вели дека обидите нешто да се цензурира само доведува до поголем публицитет на таа содржина.
Конзервативците збеснаа: Тед Круз тоа го доживеа како активно мешање во изборите, Д Хил го доживеа како „објавување војна“ и сл. Другиот меинстрим блок пак веднаш потегна по старата карта дека најверојатно пак се работи за странско замешателство. А како што забележува Мат Таиби, никој од нив не се позанимава со суштината: дали она што го објави Њујор пост е точно или неточно. Наместо тоа, медиумите кои по навика ги викаме угледни се бавеа со тајмингот на објавувањето, реперкусиите по изборите и слични аспекти.
На пример, новинарот на Тајмс, Кевин Роу, пишува дека политичарите и јавноста барале поенергични реакции од социјалните мрежи за спречување на дезинформации и заведувачки содржини уште кога „Викиликс и руските хакери“ ги вбризгале „украдените меилови од кампањата на Хилари“ во јавната дебата на минатиот изборен циклус.
Роуз, вели Таиби, само заборави да каже дека „украдените меилови“ беа автентични а не „лажни и заведувачки дезинформации“.
Опасните двојни стандарди на овие моќни компании се видливи по нивниот комплетно поинаков однос кон фамозното Досие Трамп-Русија кое, иако медиуми како Гардијан го опишуваа како „најексплозивната документација во модерната политичка историја“, заврши со едно големо ништо. А материјалите за тоа слободно циркулираа по мрежите без никаква интервенција.
Ваквото лицемерие не важи само за САД, забележува Глен Гринвалд од Интерсепт. Фусјбук по дефиниција ги прифаќа речиси сите барања од израелската влада за отстранување страници на палестински новинари и активисти но речиси никогаш не прифаќа палестински барања за отстранување на израелски содржини.
Опасноста е во тоа што овие социјални мрежи не се обични компании туку практично монополи со огромна моќ и влијание. Според истражување од Пју, дури 68% од возрасните Американци вестите ги дознаваат од медиумите кои се присутни на мрежите. Анти-монополскиот комитет на Претставничкиот дом во јуни оцени дека технолошките гиганти Фејсбук, Гугл, Амазон и Епл имаат монополска моќ доволна за да обесхрабрат појавување на каков било конкурентен производ или услуга.
„Дали навистина сакаме Фејсбук да биде главен уредник на американските медиуми и да решава кои информации се подобни да ги види јавноста а кои треба да бидат скриени од нејзините очи? Дали некој може да тврди дека фамозната „проверка на факти“ се практикува доследно, имајќи предвид колку пати не успеале да спречи непотврдени стории, како она за „Трамп-Русија“ и бескрајните статии на таа тема? Дали некој може да замисли ден кога една непотврдена теорија - која ЦИА или ФБИ им ја пуштила на Вашингтон пост или НБЦ - ќе биде задржана додека не го мине факт-чекингот на Фејсбук?“, прашува Гринвалд.
Дрската и опасната злоупотреба на моќта на социјалните гиганти најсликовито ја опишува Мат Пирс од ЛА Тајмс:
„Фејсбук да ја ограничува дистрибуцијата е исто како камион кој превезува весници да реши да престане да вози затоа што не му се бендисало она што се пишува во весникот.“