Биткоинот пие вода како камила

Рударењето криптовалути годишно троши вода повеќе отколку што вода трошат 300 милиони луѓе во Субсахарска Африка. Само една трансакција „пие“ 16.000 литри вода. Во еколошка смисла, копањето криптовалути е поскапо и поштетно отколку копањето злато и сребро бидејќи троши повеќе енергија за да се добие иста количина на пазарна вредност.

Aмериканскиот економист Јуџин Фама, на почетокот на оваа година предвиде дека најраспространетата криптовалута, биткоинот, ќе стане „безвредна“ во следните десет години. Добитникот на Нобелова награда во 2013 година вели дека криптовалутите се „голема енигма бидејќи ги кршат сите правила на средства за размена“ и „немаат стабилна реална вредност“, а таквите средства, според него, „не можат да преживеат“.

Но, од друга страна, постојат бројни знаци дека криптото нема така лесно и брзо да замине во историјата. Во Шкотска со биткоини може да се плати школарина а Трамп лани најави дека сака да ги претвори САД во „престолнина на копање криптовалути“.

Со удел од 40 проценти од глобалната понуда, САД се водечки светски производител на биткоини. Глобалната потрошувачка на електрична енергија за тргување со биткоини продолжува да расте, а податоците од индексот на потрошувачка на електрична енергија на биткоини од Кембриџ покажуваат дека таа изнесувала 55 терават часови (TWh) во 2019 година, а се зголемила тројно во 2024 година (159).

Во првите 4 месеци од оваа година, потрошувачката изнесувала 67 TWh, што е повеќе од просечната годишна потрошувачка на Полска, земја со повеќе од 38 милиони жители.

Уште во 2021 година, потрошувачката на електрична енергија за рударење биткоини била поголема од потрошувачката на Холандија, Пакистан (со население од 250 милиони!) и Обединетите Арапски Емирати, а нешто пониска од онаа на Норвешка, Аргентина и Шведска.

Доколку биткоинот беше држава, ќе беше 24-ти најголем потрошувач на електрична енергија.

Тоа не е сè.

Како што објави Business Review на Лондонската школа за економија во статија од ноември 2024 година, една трансакција со биткоин генерира емисии на стакленички гасови еквивалентни на возење бензински автомобил помеѓу 1.600 и 2.600 километри или летање од Амстердам до Њујорк. Околу 46 проценти од глобалните емисии на стакленички гасови од рударењето биткоини доаѓаат од САД (повеќе од 15 милиони тони), додека Кина и Казахстан учествуваат со 20 и 13 проценти. Според проценките на OECD, во 2018 година, емисиите на стакленички гасови од биткоинот биле споредливи со оние на Јордан и Шри Ланка.

Дури и рударењето злато и сребро има помало влијание врз животната средина од рударењето биткоин, бидејќи производството на овие скапоцени метали бара помалку електрична енергија за да се произведе иста количина на пазарна вредност.

Освен емисиите на стакленички гасови, копањето криптовалути произведува и огромни количини на електронски отпад - споредлив со оној на Холандија - и произведува емисии на микрочестички што го зголемуваат ризикот од болести како што се рак, срцеви заболувања и деменција.

Посебен проблем е водата која за копање крипто се користи на два начина, еден за ладење на компјутерите а другиот индиректно за производство на струја. 

Во десет водечки крипто земји (Кина, САД, Канада, Казахстан, Русија, Малезија, Германија, Норвешка, Иран и Ирска), потрошувачката на вода во 2021 година се зголемила во просек за 54 проценти во однос на претходната година.

Се проценува дека копањето крипто троши повеќе вода од годишната потрошувачка на 300 милиони луѓе во рурална подсахарска Африка. Поделено по трансакции, само една трансакција со биткоин троши 16.000 литри вода.

17 август 2025 - 11:46