На прагот на прославата на 250-годишнината од формирањето на нацијата, се повеќе Американци не веруваат дека САД се најдобрата земја во светот и имаат песимистички ставови за иднината.
Според анкета на Асошитетед прес и NORC, 30% од Американците сега веруваат дека низ светот има земји во кои подобро се живее отколку во САД. Ова е нагло зголемување од 26% во 2024 година и само 11% во 2017 година.
Од друга страна, 25% од испитаниците рекле дека САД се подобри од сите други земји во светот, а за 44% САД се меѓу најдобрите земји заедно со другите.
Едвај една третина се убедени дека денес во нивната земја функционира Американскиот сон: „Ако работиш напорно – ќе напредуваш“. 15% велат дека тој никогаш не постоел.
За најголеми проблеми со кои се соочуваат, Американците ги истакнале зголемените трошоци за домување, економската нестабилност и намалената доверба во институциите.
Меѓународниот кривичен суд ја затвори долгогодишната истрага за злосторства извршени од американските сили во Авганистан по 2003 година.
Првичната истрага беше одобрена пред шест години, но долго време беше замрзната. Судскиот совет сега заклучи дека Обвинителството повеќе не е способно ефективно да спроведува истраги и да обезбедува докази, што дополнително се усложнува поради времето што изминало од извршувањето на наводните злосторства.
Ќе продолжи посебен случај „Ситуацијата во Авганистан II“, кој се фокусира на наводни злосторства на талибанците по август 2021 година, вклучително и прогон на жени и девојчиња. Меѓународниот кривичен суд веќе објави налози за апсење на високи талибански лидери.
САД не се членка на МКС и ја отфрлаат неговата надлежност врз американските државјани. Вашингтон воведе санкции против судии и обвинители откако Судот објави меѓународна потерница по израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху поврзана со злосторства во Газа.
Американскиот државен секретар Марко Рубио минатата недела го обвини Судот дека „го користи меѓународното право како инструмент на глобалните елити“.
Не сите веруваат дека отстранувањето на Хуанг Јенсен од Нвидиа се сведува на крими-трилер приказна каква што ѝ се нуди на јавноста, приказна за убава, згодна и вешта кинеска шпионка инфилтрирана како љубовница на кралот на чиповите.
Еден од таквите е Дејвид Сакс - поранешниот цар за вештачка интелигенција на Трамп, кој сега е копретседател на Советот на советници на претседателот за наука и технологија.
Во подкаст со уште неколку ИТ познавачи, се потсетува дека Јенсен беше еден од најголемите корпоративни опен сорс поддржувачи што беше голема главоболка на еден влијателен блок луѓе кои сакаа моделите и чиповите да се под построга контрола.
Шпионската приказна била само средство да се исполни главната цел.