Трамп ја претвори Америка во најголемото казино на светот во кое сите губат

Популарноста на платформите за предвидувања како Калши и Полимаркет, во кои се споени коцкањето и политиката, не е воопшто чудна со оглед на историјата на Трамп како неуспешен казино магнат соочуван со обвиненија за инсајдерско тргување. Како претседател тој охрабри систем што ја претвора земјата во „најголемото казино во светот“, во кое губат Американците.

Бизнисот со коцкање е познат терен за Доналд Трамп. Во 1990-те и 2000-те тој не успеа да развие четири свои недвижности со казина. Неговото семејство се префрли на пазарот за предвидувања, која е во голем подем. Фирмата за ризичен капитал „1789 Capital“ на Доналд Трамп Јуниор е голем инвеститор во Полимаркет. Тоа не го обесхрабри главниот конкурент во индустријата - Калши да го назначи Трамп Јуниор за „стратешки советник“ во јануари 2025 година, непосредно пред Доналд Трамп да го почне вториот претседателски мандат.

И двете куќи ја гледаат блискоста до Белата куќа како сигурен облог.

Прифатени од претседател кој ги гледа пазарите на предвидувања како следната голема индустрија и помогнати од сојузните држави гладни да генерираат дополнителни даночни приходи, нашите избрани лидери напорно работат да ја претворат Америка во најголемото казино во светот, забележува Макс Барнс во колумна во The Hill.

Овие напори стигнаа до нивото во кое луѓе од администрацијата сè повеќе се заинтересирани за сопствените добивки на пазарот на предвидувања отколку за јавната служба.

Примери има многу. На суд треба да се појави војник вклучен во грабнувањето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро, затоа што ги искористил строго доверливите информации за да заработи 400.000 долари на облог за воената операција. Тројца кандидати за конгресмени се казнети затоа што се обложувале на исходот од сопствените кандидатури.

И покрај ваквите скандалозни судири на интереси, Белата куќа одби формално да им забрани на вработените да користат привилегирани информации на пазарите за предвидување. Неколку службеници веќе се префрлија на позиции во Калши и сродните бизниси.

Измамите од инсајдери заради лична добивка се најнепосредниот проблем што го создава ситуацијата. Многу поголема штета може да предизвика градењето култура на „лесен пат“ кон збогатување.

Младите Американци постојано се бомбардирани од влијателни лица на социјалните медиуми и од скриени алгоритми со длабоко нездрави ставови за богатството и среќата. Наместо убавината или популарноста, новата метрика за успех за младите е богатството и наметнатата потреба за постојано споредување со нивните врсници.

Овој процес се совпаѓа со колапсот на вредностите што некогаш нудеа културно единство и лично исполнување, забележува Барнс. Анкета на Wall Street Journal/NORC покажува дека помалку Американци од кога било досега ги сметаат за многу важни идеалите како патриотизам, религија и вклученост во заедницата. Во периодот од 2019 и 2023 година, само една вредност им била поважна на Американците: парите.

Како стигнуваат до нив, не е важно. Кодошењето и измамата стануваат исто толку одржлив пат до богатство како и чесната работа - единственото нешто што е важно е да не бидат фатени.

Дали Америка доминирана од нерегулирани пазари на предвидувања, широко распространето коцкање и мотото „збогати се по секоја цена“ им служи на некого освен на малкумина кои ги водат платформите за коцкање или имаат пристап до инсајдерски информации што им гарантираат добивка? Што станува со културата фиксирана на собирање богатство, без чувство за општествена обврска едни кон други или кон јавноста? Какви лидери и јавни службеници ќе станат тие?, прашува Барнс.

11 јуни 2026 - 11:00