Но, во последниве години, особено по Големата рецесија, Американците искусуваат такви економски превривања кои ги замаглуваат некогашните дефиниции на класите. Работничките синдикати на голем број места се само остатоци од некои други времиња, а зголемувањето на бројот на работни места во пост-рецесијата главно се случува во помалку платени области, каде има послаба заштита на работниците. Оние на врвот на економијата стануваат побогати и покрај тоа што дното расте, а средината се празни.
Среде овие промени, NBC има покренато двогодишен проект за истражување на сиромаштијата и нееднаквоста во САД, во чии рамки сака да види како Американците го проценуваат нивното место во новиот економски поредок и што значи за нив класата. Преку интерактивен квиз, од корисниците се бара да се рангираат себеси на скала од 1-10, и потоа да ги споредат своите проценки со оние на други Американци.
Она што станало јасно е дека терминот „класа" е потежок да се дефинира отколку што се очекувало. Општествените науки вообичаено ги земаат предвид приходот, вработеноста или нивото на образование. Но според експертот на NBC Џош Клинтон, класата е прекомплициран концепт за да се сведе на само неколку показатели како банкарската сметка или академските титули.
„Класата е збир на идеи и верувања", вели Клинтон, кој е професор по политички науки на Универзитетот Вандербилт и консултант на проектот. „Класата е перцепција. Таа е начин на којшто мислиме за себеси, како се гледаме самите себе во споредба со другите, таа има врска со она од каде сме дошле и каде живееме, исто колку и со објективни индикатори".
Така, податоците сугерираат дека без оглед на реалниот приход, луѓето кои заработуваат помалку но се чувствуваат среќно се сметаат себеси за членови на повисока класа отколку некој којшто заработува повеќе но се чувствува генерално незадоволен.
Нашето чувство за класа е поврзано со родот и расата, местото кадешто живееме и со тоа кои се нашите соседи. Врз него влијаат и колку сме здрави и дали и колку сме религиозни. Класата, накратко, е поврзана со голем број аспекти на нашиот динамичен живот.
„Можеме да ја процениме класата преку тоа како луѓето зборуваат, одат, патуваат, како се однесуваат, каде живеат", вели социологот Мери Патијо, која ги проучува класата и расната припадност. Ретко ги поврзуваме овие маркери со фактите, како на пример годишната заработка, вели таа. „Не велиме - сакам да заработам 100,000 долари годишно, туку 'сакам да се преселам во предградијата'".
Една од причините зошто Американците не зборуваат директно за класата е драматичната економска промена која се случува во последниве децении. Класната свест од 1950-тите ја отсликувала силата на индустриската економија, со работни места кои барале дисциплина и тешка физичка работа. Но сега работните места во фабриките на Форд се заменети со работи во фастфударници. Да имаш докторат не значи доживотно вработување. Сопственоста на имот е најниска во последниве 20 години. Семејствата составени од родители со деца во брак, кои беа дефинирачки елемент на средната и работничката класа, стануваат се помалубројни.
Но Американците кои сè уште живеат со поствоената идеја на „американскиот сон" уште не се целосно прилагодени на новиот начин на размислување во врска со класната припадност. Тие се едноставно фатени во бранот на промените без алатки да размислуваат во врска со нив, па оттаму и опасноста од носталгија, која ги зафаќа и десницата и левицата кога зборуваат за економијата и класните идентитети од минатото. Од друга страна тоа исто минато е обременето со расна и родова нееднаквост. Оттаму, не е работата да само да се расформираат старите класни структури, туку и да се понудат нови институции кои би ги замениле.