Вирус влегол во Мик Џегер и се обидел да ги заземе и уништи неговите клетки, но веднаш ја напуштил опасната територија и фатил џенем што подалеку од легендарниот пејач на „Ролинг Стоунс“. Сакате подобар доказ дека вирусот поседува вештачка интелигенција?
Низ телото на Џегер има поминато толку многу тони кокаин, марихуана и виски што ситните ковид командоси во арената „Јохан Кројф“ во Амстердам мораа да наредат повлекување, сфаќајќи дека ќе бидат убиени од имунолошкиот систем на жгољавиот 78-годишник, развиван на опијати, алкохол и разни видови седативи. Сер Мик, витезот на рокенролот, беше во изолација пет дена, а потоа толку лудуваше на сцената како да не е врсник на Џо Бајден. Тој е само осум месеци помлад од претседателот на Америка.
Еј Џо, беше бебе кога се роди Мик, а потоа и Кит Ричардс некој месец подоцна. Еј Џо, дали некогаш си ги слушал Стоунси и дали сега ги гледаш како се качуваат по звучниците како тинејџери на курс за алпинизам? Ене ги, полнат стадиони низ Европа и по ѓаволите со светската војна. Марш, короно, батали се вирусу кој весело се будиш на плус 40, наместо да се спржиш и да се вовлечеш во глувчешка дупка.
Се разбира, на тој невидлив осми патник во 21 век ни на памет не му падна да го нападне Кит Ричардс. Микроорганизмите би испоцркале во избрчканото тело на гитаристот кој личи на тетин на кралицата Елизабета Втора. О, да, Кит одамна шмркна од пепелта од урната на неговиот татко и оттогаш носи вечен спомен за него.
„Дедовците кои се тркалаат“ повторно пржат рокенрол на големата светска турнеја „Sixty“, прославувајќи го 60-тиот роденден на бендот кој го промени светот повеќе од „Битлси“, затоа што траат и му даваат надеж на секое дете и на секој пензионер, дедо и прадедо, славејќи го животот преку класиците. Шест децении никако да се распаднат, иако се на возраст кога нивните овдешни врсници посетуваат скенери и магнетни резонанци.
Џегер и Ричардс се две години помлади од Слободан Милошевиќ, една година постари од Воислав Коштуница. Додека Коштуница можеби се палеше на мрачните „Резидентс“, што сепак беше маркетиншка финта, иако искрено ги сакаше Леонард Коен, Ник Кејв и Џони Кеш, рокенролот на Слоба му беше сосема неважен. И да слушнеше за „Стоунси“, ќе се наведнеше и ќе фрлеше камен. Ќе помислеше дека биле против него на Осмата седница. А да имавме среќа наместо Мира Марковиќ, Слобо да држеше гитара, како во филмот „Момчето кое ветува“, каде главниот лик, финиот фраер Слободан Милошевиќ, добива удар со весло по глава, па прави бенд, поблесавува и почнува да му се сука на сè што носи сукња, можеби историјата на Србија ќе беше поинаква.
За тоа што би било кога би било - старото српско алиби за сите заблуди - британските дедовци кои се тркалаат не размислуваат. Додуша, во раните седумдесетти, негде кога Александар Вучиќ дојде на овој свет, Ричард Никсон ги сметаше за најопасниот бенд на светот, поради повикот на бунтување и поради незаконскиот секс, што и да значи тоа. Да се разбереме, тоа ним ништо не им значеше, тие себеси се сметаа за патувачки музичари, кои веќе во тоа време вредеа стотици милиони фунти по член. Меѓу нив беше и тапанарот Чарли Вотс, кој со децении го имаше истото, монотоно лице како и секој џезер, препуштајќи им ја сцената на двајца его манијаци и третиот гениј, Рони, гитарист кој секогаш ме потсетуваше на Кит Ричардс толку многу што мислев дека се близнаци, со тоа што Ричардс харизмата го доведе до франшизата „Пиратите од Карибите“, каде што сценариото, ликовите и костимите се правени по него. Па нели и откачениот пират Џек Спароу беше замислен како бесмртен, сè додека Џони Деп не направи глупост со својата сопруга. Ах, тие жени, Мик Џегер ги имаше околу 4.000, иако го сомневаа дека е во шема и со Дејвид Боуви. Кит и Рони исто така мораа да носат дигитрон за да ги избројат жените, додека покојниот Чарли, нека му е лесна земја, беше кул папучар.
Кој никогаш не ги слушал Ролинг Стонс во живо, тој не знае ништо за животот, затоа предлагам државата веднаш со ваучери да го субвенционира одењето на нивните концерти, иако се плашам дека за оваа сезона веќе е доцна. Сите билети се распродадени. Сеедно, ќе свират тие вечно.
И јас се колебав да им одам на концерт сè до врелиот јули 2007-ма, кога над мојот дом прелета авион кој влечеше големо знаме на кое беше напишано „Ролинг Стоунс“. Десантот успеа.
Со недели се залажував: те дека се патетична симулација на бунтовништво, те вредат ли нешто декадентните дедиња кои тежат неколку милијарди фунти нето, кои се пентарат по сцена, по дрвја и по пентхауси, бркајќи плавуши. И, конечно, зошто Србија им беше последна станица затоа што претпоставувам дека нема ќоше каде што не биле пред да ја извршат инвазијата од страната на Дунав.
Меѓутоа, времето истекуваше и знаев дека ако не ја слушнам „Satisfaction” на увце, ќе зажалам за тоа цел живот. Зарем да се пропушти шансата да ги видите диносаурусите кои и глобалното затоплување не може да ги уништи? И короната фаќа штрафта од нив!
Белградскиот концерт на „Стоунси“ беше навистина многу повеќе од Биг Бенг и спектакл на сите спектакли. Тоа беше рокенрол литургија за изминатите 40 години на вредностите на западниот свет, изведена во временска машина конструирана од самите светци, која пловеше од бунтовните шеесетти години, кога живееја од секс, дрога, скандали и автентичен бунт, до корпоративната ера кога станаа членови на одбор на директори на мултинационална компанија за изведување забавна програма. И тоа каква!
Нивната патувачка бина беше блескав океански брод што се насукал на Ушќе. Дури и Гиле од „Електричен оргазам“ доби вртоглавица кога се качи на палубата и побара падобран за безбедно да слета на копно. Требаше да го видите шефот на трилатералата на светскиот рок, попознат како Мик Џегер, како ужива во својата работа точно два часа.
Ако десетобоецот на светскиот музички бизнис случајно ги истресеше сите џебови на среќниците што беа таму, вклучително и оние од ВИП ложата, ќе добиеше помалку кеш отколку што месечно плаќа за алиментација и вонбрачни деца. Но тоа не го спречи да пее во саботната вечер со оној зарипнат глас кој ја промени модерната историја, само за нас. Затоа требаше да се видат „Стоунси“ и 64-годишниот човек кому не му е гајле дали ќе врцка со колковите пред Елизабета Втора или пред некоја тинејџерка од Крњача. Тоа е капитализам, демократија и рокенрол, бато.
Поминаа 15 години. И, што се смени? Ништо. Наместо „камења кои се тркалаат“ станаа „дедовци кои се тркалаат“, правејќи од себе споменик. Претпоставувам уште ја бараат „сатисфакцијата“.