Децении и децении најразлични истражувања не успеаја да дојдат до суштински докази дека од витаминските и други суплементи човекот има некој значаен ќар.
Ама се продаваат повеќе од кога било, бидејќи сè помалку личат на апчињата на баба ви, туку се фенси и неодоливи на изглед.
Една од таквите популарни витамински шмизли се вика Ритуал, доаѓа во месечна доза кристално јасни и проѕирни капсули полни со бели зрнца кои пливаат во некакво масло. Содржината не се разликува во ништо од стандардните мутивитамини, ама па убави се. Голташ едно такво и си замислуваш како тоа зрнцата ти ја затегнуваат кожата или исправаат кичмата.
Друга (дизајнерска) ѕвезда е Care/Of, кои доаѓаат во кесички ко за чај, на кои пишува Здраво „Вашето име“ (а го знаат името бидејќи сте ги нарачале на интернет) и се персонализирани само за вас и вашите тегоби. Добивате неколку различни пилули (кои сте ги штиклирале) за да имате чувство дека навистина ги таргетирате сите жанрови на вашите проблеми. Ги пиете, продолжувате да живеете по старо и верувате дека утринската доза пилули ќе ги испеглаат проблемите.
„Ги користиме витамините како осигурителни полиси против сè што јадеме, или не јадеме. Веруваме дека тие ќе нè спасат од нашите други прехранбени навики, дека ќе нè спасат од самите себе“, вели Катерине Прајс во својата книга Витаманија.
Штосот е што не можат. Нема истражувачки докази за значајни бенефити од нив, а може да бидат и штетни. Некои се поврзуваат со извесни видови рак, а некои со камења во бубрезите.
Бидејќи интуитивно ви е јасно дека проблемот е во модерната исхрана, најразумен совет што може да го имате на памет на оваа тема е:
Јадете ја само онаа храна што вашата прабаба би ја препознала како храна.
Види и: