Ако ги листате денешните бестселери за диети и режими на исхрана нема да најдете никакви религиозни референци. Напротив, сите тие се полни со технички термини и се повикуваат на научни сознанија.
"Како некој што ги проучувал религиите многу очигледно ми е дека дека во литературата за диети, науката служи само како амбалажа. Извадете го тој слој и ќе наидете на добро познатите безвремени митови и суеверија кои служат да ја наметнат приказната за доброто и Злото која на луѓето им нуди смисла на животот и илузија дека ја контролираат својата добросостојба", пишува Алан Леновиц за NPR.
Нутриционистичките совети и диети повеќе се базираат на митови отколку на факти а главен мит е оној за "рајското минато", една привлечна фикција за времето кога сите беа среќни и здрави пред да ја вкусат погрешната храна. И сега треба нешто да "одјадеме" како би се вратиле во рајот.
А митот zа неприродната модерност и природниот рај е убедлив како и секогаш, само што овде Адам и Ева се заменети со палеолитскиот човек или нашите баби (присутни во советите од типот: "не јади ништо што твојата баба не би го препознала како храна").
Приказната има и силна морална димензија. Принцот на темнината успева да ја намами Ева која паѓа на искушението и вкусува од забранетото овошје. Сатаната овде го има ликот на злите корпорации и неморални научници кои не трујат со хемиски адитиви, ГМО-а и други "овошја на злото". Притоа не пречи што за дел од она што е проскрибирано како зло, ни самата наука не нуди докази за нивната штетност.
Рај, протерување од рајот, ветување за нутриционистичко спасение. Веќе имате скоцкано едноставна и разбирлива наративна основа која останува само да се спакува во научна реторика. А како и верските погледи, и литературата за нутриционизам е толку шаренолика што е лесно да се одбере нешто од купот, она што најлесно се лепи за нашите афинитети и предрасуди.