Европа ѝ го врти грбот на Конвенцијата за човекови права

Пред десет години светот со вознемиреност реагираше на строгите мерки на Данска за имигрантите. Тие политики денес стануваат норма во Европа. Влади бараат промена на толкувањата на застарените одредби од Европската конвенција за човекови права од 1953 година. Британија воведува слични правила, за кои се вели дека се најстрогите по Втората светска војна.

Данска во 2016 година усвои закон со кој ги принуди барателите на азил да се откажат од својот накит за да ги покријат трошоците за сместување. Според данскиот модел, барателите на азил мораат самите да си го финансираат престојот. Правото на постојан престој им се дава само на оние за кои ќе биде потврдено дека целосно ја прифатиле данската култура. Властите притоа го задржуваат правото да уриваат станбени единици со премногу „незападни“ станари.

Правилата ѝ овозможија на премиерката Мете Фредериксен да се спротивстави на домашните предизвици од популистички ривали, што инспирираше и други европски влади да го следат примерот. 

Во фокусот на новата политика е Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП), која е на сила уште од 1953 година. Италијанската премиерка Џорџа Мелони наскоро ќе ја одржи првата политичка дебата на ниво на ЕУ за реформирање на ЕКЧП, за да се прилагоди конвенцијата на современите предизвици на масовната миграција. Критичарите тврдат дека одредбите се „жално застарени“ и не ја одразуваат сегашната реалност - банди што шверцуваат луѓе или мигранти што дејствуваат како оружје на непријателски држави. 

Нема сигнали дека ЕУ ќе се откаже од конвенцијата, но девет членки во отворено писмо побараа да се промени интерпретацијата, особено за да се симне заштитата од протерување на мигранти што се осудени за кривични дела. Германија не беше потписник на писмото, но Јенс Шпан висок функционер од владејачката Христијанско-демократска партија лани во предизборната кампања ја спомнуваше можноста за напуштање на конвенцијата. Дури и Алан Берсе - политичкиот шеф на Советот на Европа - телото надвор од ЕУ кое го надгледува ЕКЧП - изјави дека е „апсолутно подготвен“ да разговара за реформи.

Белгија во август претстави документ од Марк Босујт, поранешен претседател на Уставниот суд, со совети како да се промени толкувањата пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, кој решава за прашања за кршење на конвенцијата. Босујт предлага да се назначат поконзервативни судии, кои ќе ги спречат злоупотребување на Членот 3 што забранува тортура, нечовечко постапување, казнување или понижување.

Во Британија нелегалните мигранти редовно се вадат на Членот 3 за да избегнат депортација. Премиерот Кир Стармер објави дека додека тој е на власт Британија нема да го напушти ЕСЧП, но ја остава отворена можноста за промена на толкувањето.

Министерката за внатрешни работи Шабана Махмуд сега предложи нови правила со цел да се намалат барањата за азил без основа. Статусот на бегалци ќе биде привремен и ќе се преразгледува на секои 30 месеци, наместо на пет години. На лица и на цели семејства што им е одбиено барањето за азил ќе им се даде „финансиска иницијатива“ брзо да се вратат во матичната земја. Ако одбијат, ќе може да бидат депортирани по скратена постапка. Ќе се промени и дефиницијата за „семејство“, за да се ограничи само на најблиските – сопружници, деца и родители, а не до второ или подалечно колено.

18 ноември 2025 - 15:49