Јас сум анти- кочничар
Дечки, сакам да споделам со вас една лична одлука која ја донесов неодамна. Не ми се дебатира за неа, но сакам јасно да ви го кажам мојот став на таа тема. Молам да го почитувате тоа и иако текстот можеби е долг, да го прочитате до крај.
Решив да ги вадам кочниците од мојот автомобил. Не е ова никаква избрзана одлука, затоа сослушајте ме.
Пред неколку недели видов сообраќајна несреќa; од различни правца двајца минаа раскрница во исто време. И двајцата истовремено стиснаа на кочниците и - се судрија. За среќа, никој не беше повреден.
Решив малку сам да истражувам и она што го открив беше шокантно. Стотици луѓе секоја година се здобиваат со повреди заради непотребно кочење! Еднаш и јас така, на снег, само малку ја допрев кочницата и комплетно изгубив контрола. Моите кочници за малку ќе ме убиеја.
А до пред неколку децении, луѓето не ни користеле толку кочници туку кочеле моторно, со менување на брзината на менувачот.
Кога прочепкав малку подлабоко во темата, открив кој го сковал ваквиот план - механичарите! Истите оние луѓе на кои им ги доверуваме нашите возила добиваат пари да ставаат и менуваат кочници! Можете да ВЕРУВАТЕ дека ним им е гајле за нашата безбедност или за нашите автомобили, но тие го прават тоа само заради 50-те долари кои ги добиваат за менување на кочниците.
Решив да поразговарам со мојот механичар и да му кажам дека сум решил да ги извади кочниците. Се згрозив od тoa на каков третман наидов. Ме обвини дека не знам што зборувам иако ЈАС бев тој што го покрена прашањето колку вртежен притисок создаваат кочниците. "Тркалата се направени за да издржат притисок, не се секирај за тоа," ноншалантно ме откачи.
Потоа дури и имаше лице да ми каже дека таа моја лична одлука ќе имала консеквенци и дека ќе влијаела на сите околу мене! Толку од мене со него, си реков, ќе барам друг механичар. Но, проблем е што многу механичари се платени и поткупени од автомобилската индустрија и дека СИТЕ инсистираат мојот автомобил да има кочници. Многумина нејќат ни да проверат нешто друго во колата, само повторуваат дека без кочници не можело. Која е тоа банда! Не сакаат ни да размислат за алтернативни техники на кочење.
Се разбира, и Владата е замешана во сето ова и ми наредува дека МОРАМ да имам кочници. Дека не бил тоа само за мене и дека сум можел да повредам други луѓе. А каде се изгуби правото на личен избор? Каде се изгуби слобода?
Значи, сè што сакам да ви кажам е сами малку да истражувате. Не слушајте што ви зборуваат големите продавачи на автомобили. Јас донесов одлука во име на моето семејство и рековме НЕ за кочниците. Ќе користиме природни помагала како што е гравитацијата и ќе пуштаме нога на земја за да прикочиме. Ако тоа ми вршеше работа како мал кога возев точак, ќе им врши работа и на моите деца кога се возат во кола.