Пред неколку дена Рандал Манро од веб-комичниот стрип xkcd објави скица на вселенско летало, со ознака на сите негови делови, но без вообичаениот технички жаргон, кој прави лаиците да се чувствуваат поглупави отколку што навистина се. Нешто од типот „вртач" наместо ротор, „она што прави струја" наместо генератор или, што би рекле од Монти Пајтон, „машината што прави 'пинг'" за апаратот за ЕКГ.
Рандал Манро успешно се обидува овој принцип да го примени на Сатурн 5, леталото изградено од NASA во 1967., она кое во тек на шест години испрати 24 астронаути да кружат околу месечината или да се спуштат на неа. Во неговиот поедноставен јазик, вселенското летало, у.п.к. (уште познато како) ракета, се вика „Up Goer" или нешто како „Искачувач".
И други именки, како „делта крило", „антивортекс сифон" и „инсулација", се сведени на ниво на „Бушава азбука", и одеднаш стануваат јасни. Аха, значи овој дел го содржи „оној вид воздух што ти го прави гласот смешен", а оној „воздухот кој некогаш го гореле во голема небесна торба и луѓето умирале и некој рекол „Аман веќе од ова луѓево"!
Иако тука се работи за „превод" на техничка терминологија во обичен јазик, поуката може да се префрли и на повеќе други полиња. „Објасни ми како на петгодишно дете" е супер принцип, кој применет во новинарството на пример, не само што не вулгаризира, туку ги прави разбирливи и ураганите, и судирите во појасот Газа, и тоа зошто се потребни толку многу кружни текови. Добро, како и секој принцип, и овој си има свои ограничувања.