За оние на кои им се преку глава славења „од предузеќе“

Студија што ги истражува врските меѓу нашите еволутивни потреби и чувствата на современите луѓе доаѓа до заклучок што за многумина и не е толку изненадувачки: додека повеќето луѓе се посреќни кога се опкружени со пријатели, оние со повисока интелигенција често се чувствуваат посреќно кога се сами. Просечниот мозок почива на надворешна валидација и племенското здружување за да испушти допамин, но високо развиениот ум си генерира внатрешна, сопствена стимулација.

Се вика „Саванска теорија на среќата“, развиена од Норман П. Ли од Универзитетот за менаџмент во Сингапур и Сатоши Каназава од Лондонската школа за економија. Таа тврди дека луѓето и денес реагираат на околностите на начин кој е сличен на оној на нашите предци, бидејќи нашата психологија е обликувана во времето кога човештвото живеело во мали заедници во африканската савана.

Авторите анализирале податоци од интервјуа спроведени во 2001–2002 година во рамките на Националната лонгитудинална студија за здравјето на адолесцентите во САД, со вкупно 15.197 испитаници на возраст од 18 до 28 години. Ги интересирало дали постои врска меѓу тоа дали луѓето живеат во рурална или урбана средина и нивното задоволство од животот, како и како густината на населението и пријателствата влијаат врз чувството на среќа.

Резултатите покажале дека луѓето воопшто се помалку среќни во средини со поголема густина на население. Истражувачите го толкуваат ова како потврда на теоријата на саваната: човечкиот мозок, според повеќе истражувања, е еволутивно прилагоден за функционирање во групи од околу 150 луѓе. Кога бројот на луѓе околу нас значително ја надминува таа граница, природно се јавува чувство на нелагодност.

Сепак, овој негативен ефект на пренатрупаноста бил најизразен кај луѓето со просечна интелигенција. Кај оние со повисока интелигенција, притисокот од животот во густо населени средини бил помал. Истражувачите претпоставуваат дека најинтелигентните наши предци полесно се снаоѓале во поголеми групи благодарение на поголема стратешка флексибилност и креативност, па нивните потомци и денес подобро ги поднесуваат урбаните услови.

Кога станува збор за пријателствата, за повеќето луѓе тие значително го зголемуваат задоволството од животот. Добри и блиски односи ги задоволуваат потребите за припадност, чувство дека сме потребни и можност за споделување искуства. Овие потреби, според авторите, исто така водат потекло од еволутивното минато, бидејќи сојузите и пријателствата биле клучни за опстанокот – за лов, споделување храна, размножување и заедничко одгледување деца.

Податоците покажуваат дека за повеќето луѓе неколку блиски пријатели значат повеќе за среќата отколку голем број површни познанства. Но кај луѓето со висока интелигенција, сликата се дополнува со тоа што тие често се почувствуваат посреќни кога се сами, а интензивниот социјален живот дури може да им го намали чувството на задоволство од животот. Ова научниците го објаснуваат со принципот на „Ресурсна автономија“. Нивните цели се поапстрактни и понасочени кон достигнувања, па другите луѓе им претставуваат одвлекување на вниманието. Одбегнувајќи ги тие тривијални односи тие си ги штитат ресурсите, енергијата и времето, коишто можат да ги употребат за нешто покорисно. Истовремено, просечниот мозок почива на надворешна валидација и племенско здружување за да испушти допамин, но високо развиениот ум си генерира внатрешна, сопствена стимулација.

Иронично, студијата открива и привидна противречност: почестото дружење со пријатели всушност корелира со повисока интелигенција. Овој наод изгледа контраинтуитивно, но покажува дека односот меѓу интелигенцијата, социјалниот живот и среќата е далеку посложен отколку што изгледа на прв поглед. Клучот е во изборот на пријатели и поставувањето приоритети со кого и како се трошат годините. 

За книга на спомнатиот Сатоши Каназава, „Зошто мажите се коцкаат а жените купуваат чевли“ види претходно тука

30 декември 2025 - 08:46