Во историјата на науката главно се профилирале две 'школи' за толкување на човечките постапки - онаа која тврди дека доминантно влијание врз него има природата (неговите гени, анатомија и физиологија), и онаа која вели дека човекот е пред сè моделиран од културата (неговото воспитување, социјалниот контекст и образованието). Обидите за помирување на овие крајно спротивставени теории главно пропаѓале - нивните промотори завршиле како 'отпадници' во сопствениот еснаф, и биле маргинализирани. Социо-биолозите од раните седумдесети на 20-тиот век беа напаѓани заради „наивен детерминизам", вулгарност, па дури и расизам. Не е ни чудо што не биле доволно разбрани - треба навистина да се има нерви и доста знаење од биологија за да се прочитаат повеќе од 1,000-те страници на „Социо-биологија" на Едвард Вилсон, за само во едно од 27-те поглавја меѓу амебите, мравките и пеликаните да се пронајде некакво толкување на однесувањето на човекот.
Токму заради овие ограничувања, од колевката на социо-биологијата произлегла една друга, попопуларна и човеко-ориентирана дисциплина, наречена еволутивна психологија. Нејзината поента е следнава: како што различните органи во човековото тело адаптирале за да го овозможат опстанокот на човекот, така низ еволуцијата морале да се адаптираат и неговите психолошки механизми. Сепак, промените во надворешната средина во последните стотина години речиси насекаде на Земјината топка, се толку брзи и радикални, што прилагодувањето во оваа психолошка смисла едноставно не може да 'постигне'. Само до пред една-две генерации беше важно мажот да биде физички јак за да ора нива или да цепи дрва. Сега статусот 'способен', и оттаму посакуван маж може да го има и некој кој никогаш во животот не фатил секира (ниту пак може да ја дигне), но знае да програмира во Јава. Па сепак, истиот тој гик, ако не крева тегчиња а носи наочари-тегли, потешко ќе фати женска отколку некоја локална развиотка кој е носител на IQ 50, но и на традиционално (читај: еволутивно) 'исплатливите' гени. Ако некоја и се одлучи за гиков, тоа ќе биде не толку заради неговата интелектуална способност, туку заради неговиот 'татковски' профил, што подразбира поголемо вложување во бракот и семејството, а помалку пијанчење и блуд. За долга врска е важно некој да те слуша, а има ли пострплив слушач од занесен компјутерџија кој после секој муабет и онака стиска Ctrl+Shift+Delete?
Алан С. Милер и Сатоши Каназава се релативно млади претставници токму на овој, еволутивно-психолошки пристап. Нивната книга е конципирана врз принципот 'прашање и одговор' - зошто мажите сакаат русокоси секс-бомби, зошто имањето синови ја намалува шансата за развод, зошто повеќето неврохирурзи се мажи а повеќето воспитувачки жени, зошто жените во секоја култура се порелигиозни од мажите? Одговорите се често преедноставни, за некого дури и вулгарни. Поткрепени со обемна референта литература и статистика, тие се сепак далеку од наивни или површни. Впрочем, сетете се на Окам - она што е просто најверојатно е и точно.
На крај спојлер: меѓу бројните прашања одговорени во оваа книга, токму она во насловот го нема во содржината. Но доколку ја прочитате, сè ќе ви стане јасно, дури и да сте маж кој не се коцка, или жена која не е луда по чевли. Статистички гледано, вие ќе бидете еволутивен исклучок. Но другите не се.
Книгата може да се купи тука