
Бронзената статуа на крилестиот лав на плоштадот Свети Марко во Венеција со векови е симбол и чувар на градот. Но ново истражување на италијански научници открива дека барем дел од неа потекнува од Кина и можеби стигнала во Венеција преку Патот на свилата, донесена од таткото и чичкото на Марко Поло.
Истражувачите од Универзитетот во Падова, чии резултати ќе бидат објавени во списанието „Антиквити“, со анализа на оловни изотопи утврдиле дека бакарната руда од која е излеан лавот потекнува од басенот на реката Јангцекјанг во југоисточна Кина. Тие забележале и дека статуата има сличности со zhènmùshòu, фигури-чувари кои за време на династијата Танг (618–907 г.) се поставувале на гробници за да ги одвратат злите духови.
Првичната форма на статуата, според визуелните испитувања, имала рогови и подолги уши, што повеќе наликувало на кинескиот гробен чувар отколку на лавот. Подоцна била изменета – роговите биле отстранети, а ушите скратени – за да се претвори во крилестиот лав на Свети Марко, амблем на Венецијанската република.
Иако лавот денес е неизоставен симбол на Венеција – украсувајќи згради, монети, па дури и највисоката награда на Венецијанскиот филмски фестивал, „Златниот лав“ – неговото потекло долго време било обвиткано со мистерии. Претходно научници претпоставувале дека доаѓа од Месопотамија, Персија или античка Грција.
„Не знаеме точно кога стигнал во Венеција, каде бил преработен или кој го поставил на столбот кадешто стои и денес“, вели коавторот на студијата Масимо Видале. „Но сега едно е сигурно – лавот на Свети Марко е кинески, и чекорел по Патот на свилата.“